• среда, 01 мај 2024

Состанок во врска со претстојните избори во МВР со јавните обвинители и директорите на БЈБ и АНБ

Состанок во врска со претстојните избори во МВР со јавните обвинители и директорите на БЈБ и АНБ

Скопје, 23 април 2024 (МИА) - Во врска со претстојните избори во просториите на Министерството за внатрешни работи, техничкиот министер Панче Тошковски одржа состанок, на кој присустувале дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и претставници од обвинителствата низ државата.

На состанокот, како што објави Тошковски, се заблагодарил за досегашната успешна соработка на сите чинители кои се одговорни за безбедно спроведување на изборниот процес и потенцирал дека досега не се констатирани посериозни активности кои се насочени кон нарушување на истиот. Исто така, побарал секој во својот делокруг да сподели информации кои се од интерес за спроведувањето на изборите и начинот на кој ќе постапуваат институциите за време на изборниот ден.

-Од страна на директорот на БЈБ беа презентирани информации во врска со Оперативната акција Претседателски и парламентарни избори 2024 година и во таа насока посочи дека од страна на Оперативниот штаб и сите надлежни организациски единици се преземени сите потребни мерки и активности врз основа на претходно изготвен план и притоа не се констатирани никакви позначајни проблеми.

Од страна на АНБ се преземаат организирани и координирани мерки за прибирање на сознанија за евентуални изборни нерегуларности, а во насока на безбедно спроведување на изборите.

Републичкиот јавен обвинител и претставниците од обвинителствата низ државата информираа дека е формирана Комисија за изборни нерегуларности во рамки на обвинителството, определени се зајакнати дежурства за изборниот ден за покривање на целото подрачје на државата и со будно внимание ќе се следи процесот и навремено ќе се известува за сите настани и активности кои се од интерес на јавноста, а поврзани со спроведувањето на изборите, објави на својот Фејсбук профил Тошковски. аа/ац/

Фото: ФБ Панче Тошковски

 

Остани поврзан