• понеделник, 13 мај 2024

Собраниска делегација на 35. Годишна сесија на регионот Европа на ПС на франкофонијата во Атина

Собраниска делегација на 35. Годишна сесија на регионот Европа на ПС на франкофонијата во Атина

Скопје, 7 ноември 2023 (МИА) - Делегација на Собранието на Република Северна Македонија учествува на 35. Годишна сесија на регионот Европа на Парламентарното Собрание (ПС) на франкофонијата што се одржува во Атина, од 5 до 7 ноември. 

Како што информира собраниската прес-служба, во состав на делегацијата се Абдула Салиу, шеф на делегацијата, Бети Стаменкоска Трајкоска и Лидија Тасевска - членови и Лидија Каракамчева - секретар на делегацијата.

- Главна тема на дискусија на овој настан е војната во Украина, нејзините последици во Европа и геополитичките промени што таа ги носи во светот. Повеќедимензионалната криза што ја погодува Европа денес – безбедносна, системска, имиграциска, енергетска и економска криза – како последица на војната во Украина, е истовремено и криза на демократијата, се вели во соопштението. 

Делегацијата на Собранието, како што се наведува, застана целосно во поддршката на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, за воспоставување на мирот и просперитетот во регионот и одбрана на човековите права и слободи. На тој начин се брани Европа и целиот слободољубив свет, затоа што тоа се вредности кои ги почитува и вреднува сиот демократски свет.

Во рамки на панел дискусиите се опфати темата за интегрирањето на земјите од Југоисточна Европа во евроатланските и европските институции. На оваа тема своја дискусија имаше пратеничката Лидија Тасевска, која потенцираше дека Северна Македонија како земја-кандидат за членство во ЕУ верува дека институциите на Европската унија ќе ја одржат перспективата на проширувањето на Унијата со сите останати земји-кандидати како кредибилен и визибилен процес базиран на заслуги, имајќи ги предвид и актуелните геополитички безбедносни предизвици. Според неа, важно е ЕУ да не го изгуби фокусот на Западен Балкан и да дејствува како кохезивна регионална сила и да не ја одлага интеграцијата на делови од сопствениот географски регион.

Тасевска укажа дека Северна Македонија се залага за зачувување на мирот и стабилноста во Западен Блакан, преку забрзувањето на евроатлантските и евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, кои се наши приоритети во надворешната и безбедносната политика. Истакна дека Северна Македонија гледа на европската политичка заедница како на нов форум за дијалог на високо ниво за европските геостратешки прашања, но и како на платформа која им дава можност на земјите од Западен Балкан да ја подобрат регионалната соработка и да ги споделат најдобрите практики. Но за земјата прв и најважен надворешнополитички приоритет останува - полноправното членство во ЕУ.

- Се очекува на крајот на овој настан, пратениците да усвојат Декларација со која Регионално собрание на Европа, обединето со визија за праведен и мирен меѓународен поредок заснован на правила, да повика на итен прекин на сите непријателства и враќање на мирот на европскиот континент и на Блискиот Исток, се наведува во соопштението. мд/са/

Фото: Собрание на Северна Македонија 

Остани поврзан