• понеделник, 23 декември 2024

Скрекас: Енергетската соработка меѓу Грција и Северна Македонија е унапредена и продлабочена

Скрекас: Енергетската соработка меѓу Грција и Северна Македонија е унапредена и продлабочена
Атина, 11 ноември 2022 (МИА) – Енергетската соработка меѓу Грција и Северна Македонија е унапредена и продлабочена и е соработка за пример, истакна министерот за животна средина и енергетика на Грција Костас Скрекас одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина на брифингот со странските дописници во Грција. Скрекас потенцираше дека двете земји имаат развиено многу силни врски на соработка, рече дека лично тој има многу добра соработка и комуникација со неговиот колега Крешник Бектеши, а добра е соработката и на премиерите на двете земји. -Веќе имаме кажано дека ќе се обидеме да ја обезбедиме потребата за снабдување со лигнит на комбинатите што се наоѓаат во Северна Македонија, со лигнити од грчката област западна Македонија и се обидуваме ова да го финализираме и развиеме. Второ, двојно го зголемуваме, сакаме да го удвоиме нашето електричното поврзување до 2030 година. Трето, заврши маркет тестот за гасоводот за природен глас, кој ќе даде решение за снабдувањето со природен гас на Северна Македонија, рече Скрекас. Се осврна и на можните грчки енергетски инвестиции кај нас, споменувајќи ја „групацијата „Митилинеос“ која сака да изгради единица за природен гас во Северна Македонија“, како и доставената понуда на државната компанија за електрична енергија ДЕИ за изградба на ХЕЦ Чебрен, „што е и основен кандидат“. -Соработката меѓу двете земји е унапредена, многу е продлабочена и го поддржуваме ова, бидејќи на овој начин и ќе ѝ помогнеме на Северна Македонија и ќе има постабилни и поприфатливи цени на електричната енергија за граѓаните, истакна Скрекас, одговарајќи на прашањето на МИА. На брифингот со странските новинари организиран од Здружението на странски дописници во Грција, министерот за животна средина и енергија говореше за сите актуелни теми поврзани со енергетиката и енергетската криза. Истакна дека целта на Грција е до 2028 година целосно да се прекине употребата на лигнит и да се користат обновливи извори на енергија со искористување на сонцето и ветерот, што е енергетска предност за Грција и посочи дека не е планирана изградба на нуклеарни централи во земјата. За сеизмички истражувања за наоѓалиштата на природен гас што веќе започнаа југозападно од Пелопонез и Крит, истакна дека во 2025 година ќе започнат и првите пробни дупчења, а по две и пол години, односно во периодот во 2027-2028 година да се реализира првото продуктивно дупчење и производство на природен гас. ср/мд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан