• петок, 20 декември 2024

Симовски: Имаше јаки притисоци на Бугарија пред пописот во Албанија

Симовски: Имаше јаки притисоци на Бугарија пред пописот во Албанија

Скопје, 7 јули 2024 (МИА) - Дел од населението во Албанија на пописот се изјаснија како Бугари откако имаше интензивни активности од Бугарија. Ова е ставот на директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски кој смета дека тоа не е пропуст на Албанија и вели дека сепак попис може да се повтори.

Секаде во светот во земјите во кои се прибира податок за етничката припадност, Симовски нагласува, дека овој податок мора да биде израз на слободна волја на тој кој што го дава податокот.

- И тврдам бидејќи бев во тек со сите подготовки на пописот во Албанија дека тоа не е дозволено, освен во некои инцидентни случаи ако се случат во кои се реагира и би се реагирало. Значи тоа е реална состојба на изјаснување на овие луѓе. Во овој случај не можеме да ја обвиниме институцијата Институт за статистика на Албанија, изјави Симовски во интервју за РСЕ.

Симовски, исто така, вели дека биле постојано во контакт со албанските колеги и дека, ниту тие не го очекувале ова.

- Макар што јас на некој начин го очекував. Проблем беше друго. Што во тој период пред пописот кога се најави, имаше многу интензивна, како да кажам многу јака активност на бугарската држава да агитираат, купуваат, даваат можности за државјанство кои за жал од економски причини, а пред се поради желбата да се оди надвор од државата и да се има пасош кој нема да прави проблеми, многу луѓе го прифатија тој предизвик. Меѓутоа не можеме ние да ја обвиниме државата Албанија за тоа. Можеби можеме да ја обвиниме за тоа што дозволила таков притисок. Но, тоа е веќе политика и јас не би можел да се мешам во тој дел, изјави Симовски.

Во однос на повиците да се повтори целата операција, Симовски нагласува дека тоа е можно, но дека е многу скапо и оти одлуката е на албанската Влада, посочувајќи го како пример тоа што и ние го повторивме пописот во 1991 година.

- Знаете но тоа се прескапи операции. Но она што сум сигурен и не можам да ги обвинам моите колеги во Албанија дека по правилата, методолошките решенија, сите стандарди кои се ставен а ги знам сите до еден, дека некој од нив влијаел на податоците. Тоа сепак е исклучително лично изјаснување. Вие не можете некого со сила да го натерате, ама чекајте до сега немало Бугари и не смеете да се изјасните така, појаснува Симовски. 

За тоа дека има луѓе кои веќе сведочат дека тие само се изјасниле како Бугари, а не се чувствуваат така, Симовски нагласува дека може и тоа да се случи. 

-Ништо чудно и тоа да се случува. Многу е интензивна таа пропаганда, која што не носи добро никому. За жал се случува и за жал многу луѓе пред се од економски, но понекогаш и од лукративни причини го прифаќаат. А тука не можеме да се мешаме, сепак тоа е многу лично. Она што мене лично нај повеќе ми пречи истите тие луѓе се појавуваат како најголеми бранители на националното чувство, а го сториле спротивното, изјави Симовски.

Во однос на најавеното укинување на балансерот, Симовски, вели дека тој е политичка алатка. 

-Балансерот е политичка алатка, а јас избегнувам политички изјави сакам да се држам до стручноста. Но јас излегов во јавноста, за жал можеби единствен бев, и реков дека се злоупотребуваат податоците од пописот бидејќи релевантни податоци за структурата на населението се податоците за резидентното население. Ние направивме обид да добиеме што повеќе информации за нашето население кои не живее во државата, но тие се нерезидентно население. Таму останаа околу 450 илјади кои што не беа опфатени. За жал остана само мојата интервенција и не се промени ништо, изјави Симовски.

Симовски, исто така, изразува сомнеж и дека бројот на иселени луѓе од државата е многу поголем од оној кој беше објавен во ревизорски извештај, и нагласува дека тие одамна укажуваат дека иселувањето е клучен демографски проблем, а државата 30 години нема точен податок за причините и стратегија.

-Не го прочитав извештајот на ДЗР, но ги слушам коментарите во медиумите. Искрено ме зачуди малку, бидејќи даваат многу прецизен податок. Не велат, околу или било што, туку точно прецизен податок. Не знам, од каде е ова. Ние навистина се обидуваме да добиеме на сите можни начини, па макар и приближна за бројот и структурата на тие што се иселуваат годишно и ме зачудува од каде толку прецизен податок. Она што ме плаши е дека ова е многу мала бројка. Нашите проценки се дека во овој момент некаде околу 15 илјади луѓе годишно се иселуваат од државата, изјави Симовски. аа/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан