• петок, 17 мај 2024

Се градат помошни канали за наводнување и речни каскади во општина Зрновци

Се градат помошни канали за наводнување и речни каскади во општина Зрновци

Кочани, 9 март 2023 (МИА) – На две локации во полскиот регион на општина Зрновци во тек е изградбата на помошни канали за наводнување и каскади во коритото на реката Зрновка, во рамки на проектот на Локалната самоуоправа за подобрување на условите за земјоделско производство.

За реализација на градежните работи обезбедени се 9,5 милиони денари преку Центарот за развој на Источниот плански регион, како дел од Програмата за рамномерен регионален развој, со инвестиции во земјоделска инфраструктура.

-Во моментот работници и механизација се ангажирани на изградба на армирано-бетонски канал за наводнување во месноста Виничка Вада со вкупна должина од околу 1,5 километар, како и на наводнителен канал во Морошка Вада во должина од 850 метри. Дополнително, во речното корито ќе се изградат и три каскади. Со тоа значително ќе им се олесни работата на земјоделците, односно тие ќе имаат континуирана динамика и количини на вода за наводнување на површина од над 300 хектари. Од друга страна пак, ќе се заштитат асвалтираните патни правци покрај каналите кои се на постојан удар од надојдените атмосферски води, со што се загрозуваше безбедноста во сообраќајот, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.

Изведувач на градежните работи е компанијата „Стоименов“ од Кочани која, по потпишувањето на договорот со Центарот за развој на Источниот плански регион, презема обврска да ги заврши до почетокот на август.

За подобрување на условите во земјоделското производство, Општина Зрновци обезбеди 1,5 милион денари од Министерството за земјоделство и сопствени буџетски средства, наменети за изградба на пристапен полски пат во должина од околу еден километар во месноста Убаво Поле. та/мс/

фото: Општина Зрновци

Остани поврзан