• недела, 22 декември 2024

Седницата за избор на новата влада продолжува по 21 часот

Седницата за избор на новата влада продолжува по 21 часот

Скопје, 23 јуни 2024 (МИА) - На барање на координаторот на пратеничката група на Европскиот фрон Блерим Беџети, собраниската седница за избор на новата влада е прекината до 21 и 15 часот. Претходно беше посочено дека првите луѓе на пратеничките групи не успеале да постигнат договор за повлекување на дел од пријавените за гласањето да се одржи порано вечерва. Новиот состав на владата треба да биде изгласан најдоцна до полноќ. 

Во продолжението на седницата по прекинот со напојување со електрична енергија поради невремето во Скопје, дебатираа неколкумина пратеници. 

Митко Трајчулески од СДСМ повтори дека сите реформски проекти кои се во интерес на граѓаните ќе бидат поддржани од опозицијата, додека за сите сомнителни инвестиции владата ќе биде жестоко критикувана. 

-Довербата од над 400.000 гласа ја добивте, а тоа значи огромна одговорност и огромни очекување. Затоа испорачајте се она што се ветиле, се обрати пратеникот на СДСМ кон предложените членови на новата влада. 

Опозициските пратеници зборуваа и за однесувањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ додека беа во опозиција. 

-Две тези ги вртите изминатите два дена, невозможни ветувања, лажни ветувања биле давани од ВМРО-ДПМНЕ па ве повикувам да кажете кое е тоа ветување што ВМРО-ДПМНЕ лажно го даде на граѓаните а за кое што доби поддршка. Го спомнувате францускиот предлог, што сме правеле тука, како имаме реагирано и тоа е добро, меѓутоа очигледно никој од вас не е свесен зошто беа тие постапки. Тие реакции беа да не се донесе тој француски предлог, да не се изгласа од ваша страна. Патетични се вашите тврдења за тоа што го зборувате за сите тие работи затоа што токму региравме да не дојдеме до оваа позиција и до оваа ситуација, рече Мицевски одговарајќи на дел од обвинувањата на опозициските пратеници. 

За седум години владеење на СДСМ и ДУИ, додаде тој, не е ништо направено за граѓаните од она што е ветувано. - Седум години се возевте на тој воз дека граѓаните ќе ги лажете со Европската унија, а во меѓувреме ќе се прават малверзации и криминали на секој чекор, рече Мицевски. 

Пратениците од опозицијата во дебатата го критикуваа изборот на кандидати за министри, додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ ги бранеа политиките предвидени во Програмата на новата влада, но исто така и ги критикуваа политиките на претходната влада на СДСМ. 

Од собраниската говорница пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ им порача на премиерот и на идните министри да не заборават на ветувањата од владината Програма, но и на пратениците. Рече дека за сите министри има мислење дека се чесни и луѓе кои ги исполнуваат критериумите на професионален план. Сега останува да се види како ќе работат како менаџери, рече Стојановска, додавајќи дека нема време за грешки. 

- За прв пат после 10 избори и реконструкции на влади во изминативе седум години имам можност и чест да зборувам за предлог за Влада и нејзина програма. Одговорноста е една од најбитните компоненти за една личност, за еден народ, за една држава и особено за една власт. Одговорноста значи внимателност, посветеност, сериозност, професионалност, транспарентност, комуникативност, седнување на маса, слушање критики, прифаќање предлози, истакна Стојаноска. 

Според неа, народот му дал доверба на ВМРО-ДПМНЕ и ја казнил, како што кажа, аздисаната власт на ДУИ и СДСМ.

Јованка Тренчевска од СДСМ, пак, смета дека нема нов почеток со стари, како што кажа, корумпирани кадри. 

- Очигледно е дека есапот во Белата палата и надвор од неа не е ист, па се измислуваат нови министерства, се распарчуваат постоечки министерства само да се задоволат апетитите на сателитите на ВМРО-ДПМНЕ, рече Тренчевска, која смета дека реформи со новата влада нема да има. 

Тренчевска додаде дека вешт во оваа техника е кандидатот за министер за локална самоуправа и може да го сподели ова искуство со останатите членови на владата. - Кандидатот за министер за транспорт и врски може да сподели своите искуства од кавијар дипломатијата во Азербејџан, кандидатот за министер за одбрана може да го сподели искуство од ЈП за државни патишта, Министерството за транспорт, а Горан Минчев, кандидатот за министер за администрација искуството од директорувањето со СОЗР, рече Транчевска.

Според Тренчевска доаѓаат тешки времиња во однос на родовите прашања. - Од 24 членови на владата три се жени или тоа е 12.5 проценти. Тоа е погубно за жените и за самото општество. Наместо да одиме кон поголемо вклучување на жените во политиката процесите ги враќаме назад, рече таа.

Реплицираа Весна Бедевска од ЗНАМ и Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ, критикувајќи ги претходните политики и постапки на Тренечвска, како поранешна министерка за труд, кога се во прашање жените и родовите прашања. 

Амар Мециновиќ од Левица зборувајќи за составот на новата влада рече дека во неа ги има сите „претходни режими“. За Арбен Таравари рече дека бил дел од владата на Заев, има министри од времето на Груевски, па дури и од времето на Бранко Црвенковски. Побара криминалот и корупцијата да не останат неказнети. Најголемата порака од него, како што кажа е до Министерството за надворешни работи бидејќи „очигледно дека македонската држава е во опасност“.  

Седницата за избор на новата Влада треба да заврши до полноќ. Од шеесетина говорници, според информациите од Собранието, за збор се останати седдумина пратеници. ев/дма/

Фото:МИА/ВМРО-ДПМНЕ

 

Остани поврзан