• недела, 22 декември 2024

СВР - Штип апелира матурантите да бидат одговорни на матурските вечери

СВР - Штип апелира матурантите да бидат одговорни на матурските вечери

Штип, 17 мај 2024 (МИА) - Матурантите да бидат внимателни и одговорни при одбележувањето на матурските вечери, апелираше денеска портпаролт на  СВР Штип, Гордана Панајотова. Посочува дека иако статистичките податоци покажуваат дека негативните настани по повод матурските вечери се намалуваат, сепак апелот е да покажат одговорност со цел да си поминат убаво и имаат убави спомени.

-По повод претстојните матурски прослави со кои се одбележува еден значаен период од животот на младите и симболично заокружување на периодот на детството и тинејџерските години и влез во светот на возрасните СВР Штип апелира до маурантите да бидат внимателни и одговорни при одбележувањето на овие весели моменти и да не дозволуваат убавиот повод да биде загрозен или уништен со една погрешна и непромислена постапка. Иако статистичките податоци за претходните три години укажуваат на намалување на негативните настани по повод матурските прослави, сепак говорат дека причина број еден за најголем дел од нив е консумирање на алкохол, вели Панајотова.

Од полицијата посочуваат дека причина број еден за сите нарушувања на јавен ред и мир, физички пресметки, сообраќајни несреќи и слично е консумирањето на алкохол. Токму затоа ги советуваат матурантите да не претеруваат и да покажат зрелост.

-Имено, алкохолот никогаш не бил причинител за среќа, туку напротив најчесто преставува фактор за нарушување на јавниот ред и мир со карање, викање и агресивно однесување. Поради се ова упатуваме апел до матурантите да покажат зрелост и одговорност, додава Панајотова.

Полицијата стои на располагање на матурантите, но и на сите останати граѓани – велат од СВР Штип. вдј/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан