• петок, 05 декември 2025

„Ритамот на душата, бојата на традицијата“ - концерт на Ансамблот „Танец“ во Тетово

„Ритамот на душата, бојата на традицијата“ - концерт на Ансамблот „Танец“ во Тетово

Тетово, 20 јуни 2025 (МИА) - Ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“ синоќа во Тетово одржа двочасовен концерт, во рамки на реализацијата на годишната уметничка програма на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Концертот беше насловен „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, а публиката имаше прилика да види маестрални кореографии, живописни костими и звучни народни мотиви.

-Вечерашниов настан не беше само концерт, ова беше еден поттик за меѓусебна соработка и љубов кон културата. Нашиот ансамбл не е тоа што е, без публиката, која вечерва беше наш „ветер во грб“ за уште поголеми наши успеси и достигнувања. Не ги штедеа дланките, аплаузот од нив беше најголемата награда за нас, истакна Весна Митевска, директорка на Националната установа за народни игри и песни ансамбл „Танец”.

„Танец“ е првиот професионален фолклорен ансамбл во Македонија, формиран во 1949 година со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти и преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претставува највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ. ас/мд/

фото: МИА 

 

 

Остани поврзан