• сабота, 27 јули 2024

СВР Тетово: За 11 месеци изречени 10.846 казни за пребрзо возење, глобите од 45 до 400 евра

СВР Тетово: За 11 месеци изречени 10.846 казни за пребрзо возење, глобите од 45 до 400 евра

Тетово, 5 декември 2023 (МИА) - Во изминатите 11 месеци од годинава полициските службеници на СВР Тетово вкупно изрекле 10.846 мерки за пречекорена брзина на возилата кои се движеле на тетовско-гостиварското подрачје.

Од нив на тетовскиот регион има 6891, додека на гостиварскиот 3955 мерки. Сите овие прекршители добиле соодветни поднесоци со парични глоби кои, зависно од големината на пречекорувања се движат од 45 до 400 евра.

Најголемиот број од пречекорувањата на максимално дозволената брзина биле регистрирани надвор од населено место, пред сè на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје, магистралата Гостивар-Кичево и околните регионални патишта.

- Меѓу годинешните пречекорувања се бележат и за повеќе од 50, односно од 70 километри на час над дозволеното. На оние кои пречекориле за повеќе од 50 во населено и од 70 надвор од населено место времено ќе им бидат одземени и нивните возачки дозволи, информираше денеска портпаролот Марјан Јосифоски.

Командирот на Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Зоран Талев информира дека во овие 11 месеци има и една незгода со жртва.

- Вршиме редовни и акциски контроли како и контроли со ноќен радар на брзината на движењето на возилата. Најмногу работа, ако може така да се каже, имаме во летните месеци кога на тетовското и гостиварското подрачје доаѓаат голем број од нашите иселеници. Поголемиот дел од нив се совесни возачи и внимаваат на сообраќајните правила, но има и такви кои често пати возат со многу поголема брзина од дозволената. Така имавме случај во август оваа година кога само за еден ден, за возење над дозволената брзина, преку нашите пост терминали, наплативме, прекршоци во висина од неколку илјади евра во денарска противвредност, изјави Зоран Талев, командир на полициската станица за безбедност на сообраќајот.

Од СВР Тетово велат дека контролните активности за брзина ќе продолжат и во наредниот период, посебно до крајот на овој и идниот месец, кога на подрачјето се очекува зголемен број возила и значително поголема сообраќајна фреквенција. ас/цр

Фото: МИА архива

Остани поврзан