• среда, 20 ноември 2024

Саливан бара Израел да дозволи пристап до помошта во Појасот Газа

Саливан бара Израел да дозволи пристап до помошта во Појасот Газа

Вашингтон, 21 мај 2024 (МИА) - Советникот за безбедност на американскиот претседател Џо Бајден, Џејк Саливан во разговорите со израелското раководство побара да дозволи пристап до хуманитарна помош во Појасот Газа.

„Важно е Израел и Египет да ги завршат своите разговори за предвременото повторно отворање на граничниот премин Рафа во јужниот дел на Појасот Газа“, нагласи Саливан во разговорите со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант и началникот на Генералштабот Херци Халеви, соопшти вчера Белата куќа.

„Хуманитарните работници мора да бидат способни безбедно да доставуваат помош до оние кои имаат потреба низ Појасот Газа. За помошта да стигне до крајбрежната територија, мора да се искористат сите достапни гранични премини, додаде Саливан.

Галант и Халеви го информирале Саливан за „новите алтернативни пристапи“ во борбата против палестинската милитантна организација Хамас во Рафа.

САД остро ја критикуваа големата израелска копнена офанзива во јужниот град на Појасот Газа, кој се наоѓа на границата со Египет.

„Двете страни се согласија да продолжат разговорите“, соопшти Белата куќа.

Саливан се сретна и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан