• четврток, 20 февруари 2025

Рубио во ОАЕ пред клучните разговори за иднината на Газа

Рубио во ОАЕ пред клучните разговори за иднината на Газа

Абу Даби, 19 февруари 2025 (МИА) - Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска е во посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), што претставува последна станица од неговата блискоисточна турнеја, во рамки на која се одржа и вчерашната средба меѓу американска и руска делегација во саудиската престолнина Ријад.

Рубио пристигна во Абу Даби утрово, каде што ќе биде примен од претседателот шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан и министерот за надворешни работи шеик Абдула бин Зајед Ал Нахјан.

Неговата посета на ОАЕ се случува во пресрет на состанокот што в петок ќе се одржи во Саудиска Арабија, на кој ќе присуствуваат лидерите на шесте земји од Советот за соработка во Заливот, како и претставници од Египет и Јордан, за да разговараат за плановите на американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа.

Вашингтон, кој го отфрли секое можно идно учество на Хамас, ги повика арапските земји, кои цврсто се противат на раселувањето на Палестинците од Газа, да предложат алтернативни решенија за планот на Трамп. Американскиот претседател предложи САД да преземат контрола врз од војната опустошената Газа, а населението од 2,4 милиони Палестинци да биде раселено во трети земји, главно во соседните Египет и Јордан.

Вчера во Саудиска Арабија, Рубио одржа разговори со престолонаследникот принц Мохамед бин Салман, нагласувајќи ја „важноста од постигнување договор за Газа што ќе придонесе за регионалната безбедност“.

Во неделата, при првата станица од неговата турнеја во Ерусалим, Рубио изрази цврста поддршка за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, де факто давајќи му „карт- бланш“ за дејствување во Појасот Газа, каде што од 19 јануари е во сила кревко примирје. ссм/

фото: принтскрин Јутјуб

Остани поврзан