• петок, 21 февруари 2025

Европол: Порастот на онлајн екстремистичките заедници е закана за малолетниците

Европол: Порастот на онлајн екстремистичките заедници е закана за малолетниците

Брисел, 20 февруари 2025 (МИА) - Извршната директорка на Европол, Кетрин де Бол денеска предупреди на пораст на екстремистичките онлајн заедници кои врбуваат малолетници и шират штетни идеологии, претставувајќи сериозна закана на глобално ниво.

„Овие мрежи ги радикализираат умовите во сенка, ги поттикнуваат да внесат насилство во реалниот свет. Свеста е нашата прва линија на одбрана. Семејствата, воспитувачите и заедниците мора да бидат внимателни и да ги оспособат младите луѓе со вештини за критичко размислување за да се спротивстават на манипулацијата на интернет“, нагласи таа.

Таа изјави и дека меѓународната соработка е императив, се вели во соопштението на Европол.

„Со споделување на разузнавачки информации и барајќи одговорност од сторителите, можеме да се бориме против овие опасни заедници и да ги заштитиме идните генерации од екстремно насилство и криминал“, додаде извршната директорка на европската полициска служба.

Де Бол прецизираше дека ранливите малолетници се на мета преку платформи за игри и заедници за самопомош.

„Членовите на овие групи ги таргетираат ранливите млади луѓе, особено малолетниците на возраст меѓу 8 и 17 години, првенствено оние кои се ЛГБТК+, расните малцинства и оние кои се борат со проблеми со менталното здравје. Во некои случаи, сторителите се инфилтрираат во заедници за самопомош или поддршка на мрежи посветени на поединци погодени од овие прашања“, објасни Де Бол.

Таа истакна дека насилните онлајн групи исто така користат различни тактики за да ги измамат и манипулираат жртвите да произведуваат сексуално експлицитна содржина, да извршат самоповредување, да им наштетат на другите, па дури и да извршат убиства.

„Во почетокот, сторителите често користат техники на „бомбардирање со љубов“, екстремни изрази на грижа, љубезност и разбирање за да стекнат доверба кај малолетниците додека собираат лични информации за своите жртви“, рече Де Бол, додавајќи дека сторителите потоа ги уценуваат жртвите да извршат уште поопасни дела со закана дека ќе ја споделат експлицитната содржина на жртвите со нивните семејства, пријатели или онлајн заедници.

Во соопштението на Европол се предупредува дека „кога ќе бидат фатени во мрежата на предатори, малолетниците стануваат уште поранливи“ и забележува дека откривањето на овие криминални активности е од клучно значење. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан