• петок, 15 ноември 2024

Решение за аерозагадувањето е енергетската трансформација, која е приоритет на Владата

Решение за аерозагадувањето е енергетската трансформација, која е приоритет на Владата

Скопје, 11 јануари 2023 (МИА) – Прашањето на загадувањето на воздухот не е прашање што може да се реши за период од 12 месеци, бидејќи е акутно 50 – 70 години. Најголемата причина за високото загадување во сите поголеми градови во текот на зимските месеци е загревањето на домовите со цврсти горива како дрво и други што уште повеќе загадуваат. Она што државата го прави, а треба да го прават и општините тоа е енергетска трансформација на државата, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

-Ние докажавме дека ако се има волја, ако се има посветеност и ако се има знаење дека може да се отпочне и да се оди во трансформација. Само за илустрација во текот на мојот мандат како премиер пуштени во употреба се 141 мегават на обновливи извори на енергија, а до крајот на оваа година ќе имаме пуштено 300 мегавати. Тоа е скоро половина од капацитетот на РЕК Битола што произведува на јаглен електрична енергија, рече Ковачевски на новинарско прашање по посетата на компанијата „Пекабеско“.  

Тој потсети дека веќе во градот Битола започна изградбата на топловодот што ќе треба да обезбеди затоплување на домовите со парно греење, слично на она во Скопје, но со уште помодерна технологија.

-Цевки за топла вода се веќе испорачани, и постојат после тоа уште две фази. Обезбедено е финансирање од KwF банката во износ од 40 милиони евра и сопствени средства од ЕСМ во износ од 7 милиони евра.  Тука би сакал да кажам дека тоа е приоритет за Владата со оглед на тоа што Битола е град во којшто се произведува базната енергија за државата и тие со оглед на тоа дека ги имаат сите предуслови, а никој со тоа не се занимавал во минатото треба да биде тоа направено. Сакам уште еднаш да им честитам на вработените во РЕК Битола коишто се доминантно од Битола и каде што за првпат после долги и долги години, да не кажам децении, се пуштени во работа сите три блока на РЕК Битола, вели премиерот.

Тој потенцира дека на лидерската средба кај претседателот Пендаровски излегле со план и практично од неа произлегле сите мерки и активности во изминатите три месеци како субвенционирање на електрична енергија, пуштање во погон на сите производствени капацитети што ги имаме во државата, обезбедување непречено снабдување со енергенси и либерализација на снабдувањето со енергенси во државата.

-Тоа се активности коишто треба да продолжат и во иднина. Само за илустрација, оваа Влада успеа да го заврши гасоводот комплетно од Жидилово до Битола, тоа обезбедува во Битола сега да има природен гас каде што во когенеративна централа ќе може да се произведува и електрична, меѓутоа и топлинска енергија како што тоа се прави во Скопје преку ТЕ-ТО. Во финална фаза оваа година е и завршувањето, на гасоводот до западниот дел од државата, односно кракот којшто води во Тетово, за што обезбедени се финансиски средства. Истото се однесува и на другите краци коишто се практично магистрални и потоа ќе остане на општините заедно со државата да обезбедат инфраструктура која што ќе може да обезбеди затоплување со парно греење за градовите. И тоа е практично решението, дециден е премиерот.

Тој дополни дека веќе имаше тендер на којшто се пријавија две турски компании за гасификација на градовите. Во моментов, вели, се разгледува дали на градовите им треба гасификација до секој дом или когенеративни централи на влезот од градовите коишто ќе произведуваат топлинска и електрична енергија, а потоа ќе се прави топловодна мрежа до домовите што е посовремен концепт кој се применува во САД и европски земји. Ковачевски посочи и на промената на регулативата со забрзување на постапката за инсталирање на фотоволтаични централи над домовите и за компаниите, а го потврдуваат и лиценците што ги издава Комисијата за енергетика.

оа е начинот на којшто треба да продолжиме со цел да имаме електрична енергија од обновливи извори на енергија, да направиме трансформација на мазутот и на другите високозагадувачки енергенси со гас и да продолжиме со изградба на енергетски капацитети коишто ќе овозможат базна енергија која што не е од јаглен, туку е од други обновливи извори на енергија, вклучително хидроцентрали и гасни централи, вели премиерот Ковачевки. вг/нд/

Остани поврзан