Работилница и перформанс „Мoving inside out“ и македонска премиера на „Без крв“ вечер на репертоарот на МОТ
- Во рамките на 49.издание на театарскиот фестивал МОТ, денеска во МКЦ ќе се одржи работилница и перформанс насловен „Мoving inside out“, а подоцна и премиера на претставата „Без крв“, која е дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“ на Драмски театар - Пловдив и Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ – Велес.
Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - Во рамките на 49.издание на театарскиот фестивал МОТ, денеска во МКЦ ќе се одржи работилница и перформанс насловен „Мoving inside out“, а подоцна и премиера на претставата „Без крв“, која е дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“ на Драмски театар - Пловдив и Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ – Велес.
Во однос на перформанскот, како што соопштија од МКЦ, Криста Денио и Искра Шукарова се уметници кои работат на полето на танцот и перформансот и ќе одржат работилница за студентите и професионалците во танцот и театарот каде што ќе истражат интердисциплинарните пристапи кон креирањето на перформанс кој е специфичен или врзан за просторот каде што се игра. Употребувајќи танцови и театарски методологии, Денио и Шукарова ќе ги спојат практиките и техниките што се специфични за просторот, кои ги поддржуваат и учесниците во нивното истражување на техниките на раскажување на приказни и креативноста, создавањето и истражувањето и на архитектурата на галеријата Јадро, вклучувајќи го и паркот во близина, дрвјата и природата.
Работилницата ќе вклучува тренинг за движење и глас, што вклучува соматски движења, развојни движења, партнерство и умешност за делење на потешката физичка работа, врз основа на Контактна импровизација и некои техники од Акциониот театар, спојувајќи ги гласот/звукот и движењето преку употреба на високоструктуирани импровизациски вежби. Оваа работилница ќе кулминира со кратки перформанси што ќе ги креираат студентите.
Македонска премиера на „Без крв“ е копродукциска соработка која е дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“ на Драмскиот театар Пловдив и Народниот театар „ Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ – Велес.
Литературното дело на Алесандро Барико ја поттикна мешовитата авторска и актерска екипа безусловно да се вложат во создавањето на претставата.
-Самата претстава разработува теми на помирување без крв, кое може многу симболично да се сфати особено за Македонско – бугарските односи во моментов. Претставата разбуди многу емоции кај бугарската публика и топло се надевам дека и кај нас ќе биде прифатена позитивно. Сметам дека вакви копродукциски треба да продолжат да се негуваат во име на моќта на уметноста и убавината, кои ќе го спасат светот, вели Олга Панго, кореографка на „Без крв“.
„Без крв“ затвора тројца мажи во својот лавиринт: татко, две деца и крволочен Минотаур за време на граѓанска војна. Во текот на годините додека трае зачадениот мир, една убава жена стои пред продавач на билети за лотарија, чекајќи да го започне својот пат или кон смртта или кон пресметка. „Има ли крај на одмаздата, или пак ова е еден маѓепсан круг во кој сите сме проколнати да се вртиме?“, е едно одлично прашање што го поставува овој роман. Засилувањето на одмаздата меѓу луѓето и нациите е препознатлив знак на духот на времето во кое живееме. Човекот е сé поосамен во „срцето на земјата“.
Во претставата играат: Маргита Гошева, Васил Зафирчев, Константин Еленков, Патриција Пандева, Исидор Јованоски, Филип Христовски, Красимир Василев, Георги Вачев, Кети Борисовска, Симеон Алексиев, Елена Кабасакалова, Катрин Гачева, Златко Шарков, Филип Василевски, Елена Димитрова. бт/дма/
Фото: МКЦ