• петок, 29 март 2024

Зградите во Адијаман биле полни со живот пред земјотресот, сведочи тимот на ДЗС кој учествуваше во спасувањето на 38-годишната жена

Зградите во Адијаман биле полни со живот пред земјотресот, сведочи тимот на ДЗС кој учествуваше во спасувањето на 38-годишната жена

Скопје, 2 март 2023 (МИА) - Тимот на Дирекцијата за заштита и спасување, кој веднаш по разорниот земјотрес во Турција, беше испратен да помогне во пронаоѓањето на преживеани и учествуваше во извлекувањето на 38-годишната жена, во разговор за МИА открива дека нејзиното извлекување од урнатините траело цели осум часа.

По пристигнувањето во градот Адијаман, веднаш почнала потрагата по преживеани, но првиот ден извлечени биле три починати лица. Веќе следниот ден заедно со Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби на Република Турција - АФАД, успеваат да ја извлечат 38-годишната жена жива од урнатините.

- Веќе вториот ден додека работевме при расчистување на северната страна на објектот, а работевме 24/7, тимот којшто беше на смена, дојде до визуелен контакт со една преживеана личност. Тоа беше 38-годишна Турчинка, раскажува тим-лидерот на Репубичкиот тим за спасување Ивица Наумовски.

Воспоставиле контакт со неа со помош на преведувач од турски на македонски јазик, а екипите на турски АФАД помогнале во делот на медицинската помош.

- Почнавме со расчистување на се што беше околу неа за да можеме по осум работни часа да ја извлечеме на безбедно, да ја предадеме на амбулантното возило и потоа да ја префрлат во болниците што беа оспособени за работа за време на разорниот земјотрес во Турција, раскажува Наумовски во видео изјава за МИА.

Целиот тим вели дека се вратиле оттаму со голема тага и дека она што го виделе ќе го носат цел живот со себе.

- Сите безбедно се вративме во нашата држава со големо искуство, меѓутоа и со голема тага за она што се случи таму, бидејќи како што работевме на самите објекти при отстранување на плоча по плоча видовме дека тие згради биле полни со живот пред да се случи земјотресот, вели Наумовски.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути вели дека уште од првиот ден откако силниот земјотрес го погоди јужниот дел на Турција, стапиле во контакт со Турската амбасада во Скопје и дека веќе следниот ден на 7 февруари е испратен првиот тим со 40 луѓе во спасувачка мисија. Потоа е испратена уште една група која заедно со првиот тим броеле вкупно 68 спасувачи.

- Скоро сите членови на овие тимови се луѓе кои имаат претходно искуство во делот на справување со земјотреси. Имаат поминато различни обуки во државата и надвор и сите треба да бидеме горди на нивната храброст, но и на спасувачката мисија којашто вроди со плод. Спасивме 38-годишна жена од под урнатините при што сакам да упатам благодарност и на некој начин да искажеме сите поклонетост кон овие момци кои дадоа се од себе, вели Максути, најавувајќи дека тие ќе бидат соодветно наградени.

Горан Андов и Дејан Спасевски од Секторот за оператива и логистика при ДЗС, од моментот кога  добиваат задача за заминување на републичкиот тим за заштита и спасување почнуваат да прибираат информации за потребите на тимот.

- Првично знаевме дека мора да набавиме храна оттука барем за минимум четири дена и да ги задоволиме основните потреби, а тоа е шаторско сместување, кревети и сите минимум потребни услови, објаснува Андов за МИА во врска со нивниот престој во Турција и како се снаоѓале во тие услови со оглед на тоа што имаше сериозни проблеми со какво било снабдување затоа што земјотресот зафати голема територија во тој дел од земјата.

Тие биле одговорни за безбедноста на кампот и сите останати логистички потреби имајќи предвид дека во радиус од 200 километри воопшто немало ниту храна, ниту какви било други средства за нивните потреби, но, како што посочија, имале голема поддршка од турските служби.

Според директорот на ДЗС, треба да извлечеме поука од земјотресот во Турција. Земјотресите, вели тој, не може да се предвидат, но потребни се мерки со кои ќе се намалат последиците во случај на ваква природна непогода. 

- Без разлика што поминуваме низ многу обуки, сепак земјотресите бараат посебно внимание, односно бараат мерки коишто треба да ги намалат последиците во случај на земјотреси. Кога сме кај намалување на овие последици, ние можеме да бидеме горди затоа што после земјотресот во 1963 година во Скопје се градело квалитетно. Кога велам квалитетно, мислам во однос на цврстината на издржливост од земјотреси, вели Максути.

По разорниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија на почетокот на февруари, бројот на починати според последните информации, се искачи над 50.000. 

Харис Сулејман

Видео и фото - Аслан Вишко 

Остани поврзан