Промоција на книгата „Картографирање на себеси“ од Славица Гаџова Свидерска во Софија
- Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија вечер, во 18:30 часот, ќе се одржи промоцијата на книгата „Картографирање на себеси“ од македонската поетеса Славица Гаџова Свидерска.
Скопје, 12 октомври 2023 (МИА) - Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија вечер, во 18:30 часот, ќе се одржи промоцијата на книгата „Картографирање на себеси“ од македонската поетеса Славица Гаџова Свидерска.
На вечерта посветена на преведената и наскоро издадена книга на бугарски јазик од Издавачката куќа „Ерго“ ќе се обратат издавачот Мартин Христов, преведувачката Поли Муканова, писателот Владимир Левчев, како и самата авторка – Славица Гаџова Свидерска.
- Во прекрасните стихови со кои Славица Гаџова Свидерска се картографира себеси, го откриваме целиот свет: од „Охридска“ до „Африканска“ и до „Арктичка“ стихотворба, од домашните архиви на телата до скривалиштата на стравот. Свидерска е македонска, но и космополитска поетеса со неповторлив творечки ракопис. Лесно и непринудено таа постигнува завидна длабочина и висок квалитет во својата поезија. Секоја стихотворба во оваа книга е откровение, смета писателот Владимир Левчев.
Универзитетската професорка и авторка Лидија Капушевска–Дракулевска смета дека поетесата Гаџова Свидерска успева да го победи стравот и да создаде заштитено катче.
- Издигајќи го својот моќен, бескомпромисен глас против секакви варијации на „политиката на стравот“, авторката успева да го закотви и победи стравот, не со очај, бегство или пренебрегнувачки однос, а преку создавање на мирно, спокојно, сигурно, скоро магиски заштитено катче. Имено во тоа циклично повторување на почетокот и крајот е исходот, спасението од ирационалниот страв во овој свет овде и сега, наведува Капушевска–Дракулевска.
Славица Гаџова Свидерска (1984, Битола) е македонска поетеса, преведувач, есеист, литературен теоретичар, доктор на филолошките науки. Ги има издадено стихозбирките „Бескрајност“ (2001), „Писма“ (2012), „Политики на љубовта“ (2015), и „Тела“ (2016).
Автор е и на научните монографии: Литература и дискурси на власта“ (2013), „Литература и политичко насилство“ (2018), како и на литературно-филозофските есеи „За смислата и апсурдот“ (2017). Носителка е на наградите „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата (2012), „Ацо Караманов“ на „Карамановите поетски средби“ (2016), „Орфеева лира“ на престижниот фестивал за поезија „Орфеј“ во Пловдив, Бугарија (2019).
Во 2022 година ја добива наградата „Македонска литературна авангарда“ за книгата „Политики на стравот“ (2021). Нејзината поезија е преведувана на англиски, кинески, бугарски, српски, хрватски, босански, чешки, словачки, турски, и албански. мд/цр
Фото: Културно-информативен центар на Северна Македонија во Софија