• петок, 03 мај 2024

Промовирана монографијата „100 години Велес –Историја на поштенски картички“

Промовирана монографијата  „100  години Велес –Историја на поштенски картички“

Велес, 9 ноември 2023 (МИА) - Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше промовирана монографијата „100 години Велес-Историја на поштенски картички“  од филателистите и колекционери Виктор Габер и Зоран Стрезовски. Во монографијата се прикажани 450 поштенски картички – разгледници во кои хронолошки се презентираат историските збиднувања во Велес и неговиот развој во период од 100 години.

Првата поштенска картичка од Велес е од 1899 година чиј мотив  е Стариот мост над реката Вардар, што подоцна е обновен, но во ноември 1944 година е урнат од германските воени единици, повлекувајќи се на север. Ја издал и прв од Велес и, тоа за Венеција ја испратил колекционерот Теодор Христов на 24 март 1899 година.

Еден од авторите Виктор Габер, велешанец за МИА информира дека ги собирале сите картички од турско, па сè до денес

-Целта на монографијата е да го опишат Велес во еден воен период од 100 години и токму затоа се вика „100 години Велес“ . Ова е историско филателистичка книга која се занимава со развојот на Велес преку поштенските картички,истакна Габер.

Зоран Стрезовски од Струга за МИА, информира дека  пред околу 40 години од кога му е љубовта за собирање на поштенски картички подготвил една богата збирка на поштенски картички за Велес и му предложил на Виктор Габер, кој е велешанец, заедно да направат една монографија и, така настанала монографијата која останува како траен белег за Велес.

-Две години го обработувавме, селектиравме и средувавме и, на крајот, со подршка од Општина Велес, успеавме да го отпечатиме за да остане како траен белег за Велес, а за сеќавање на идните генерации, потенцира Стрезовски.

Промотор на монографијата е истакнатиот македонски писател, проф.д-р. Васил Тоциновски, кој за МИА истакна дека монографијата е ретка и вредносна книга во македонската продукција, па и во светот.

-Низ фото- апаратот кој ја создава поштенската картичка, визуелниот дел, а картичката патува по светот, чиј текстуален дел е, оној што ја праќа и оној што ја прима,  претставувајќи  една помошна научна дисциплина која ги  одредува, ги регистрира и трајно ги меморира времињата настаните и луѓето кои некогаш биле живи. Оваа книга не е прекрасна, таа е магична книга затоа што сведочи за Велес, потенцира проф. д-р Тоциновски.

Тој информира дека меѓу издавачите на поштенски картички се и десетина значајни личности од Велес, што зборува за културниот европски пробив на велешани. Воедно, и како град со богата културно- револуционерна традиција.

Градоначалникот Марко Колев се заблагодари што Велес добива едно вакво монументално уметничко дело.

Промоцијата ја збогати изведбата  музичарите Орхидеја Дукова и Сашко Костов на гитара со изворни велешки народни песни.

Промоцијата беше во рамките на програмата за одбележување на 9- ти Ноември, Ден на ослободување на Велес и Ден на Општина Велес. ад/љм/

Фото: МИА

Остани поврзан