• среда, 26 јуни 2024

Промовирана книгата „Охридските писатели за деца и младинци“ на Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо - Димоски

Промовирана книгата „Охридските писатели за деца и младинци“ на Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо - Димоски

Охрид, 10 јуни 2024 (МИА) – „Охридски писатели за деца и младинци“ е најновата книга на авторите Димитар  Пандев  и Славе Ѓорѓо – Димоски, објавена во издаваштво  на Општина Охрид и градоначалникот Кирил Пeцаков.

На денешната промоција беше истакнато дека овој последен нивен труд претставува навраќање кон охридските врутоци на литературата за деца и млади, од каде како што велат и авторите на оваа книга, се изнедруваат поети и поетски души кои ќе  пеат за својата земја, за својот народ, за неговите маки, но и за радостите...

-Кога Охрид е толку убав, не може од таа убост да не се изродат  луѓе кои ќе бидат допрени од неа. Туку и да не сака човек, душата сама  почнува да пее. Па се раѓаат стиховите и речениците како струни, кои со времето ќе ги извишат во небеските предели нашите идни охридски поети и писатели. И не случајно ќе се појави еден Ванчо Николески, еден Борис Бојаџиски, еден Радослав Петкоски кој и посакал неговото вечно почивалиште да  му биде црквата Св.Јован Канео, и секако охриѓани му ја исполниле..еден Живко Чинго, еден Видое Видически, еден и мој Бошко Смаќоски, Трајан Петровски, Боро Ситникоски,  Светлана Христоска-Јоциќ, Смиле Наумоски, Бранко Цветкоск и еден Тоде Илиески, посочи Ирена Бачиќ, промоторот на новообјавеното литературно издание.

Таа истакна дека можеби и самите автори на кои им е посветено ова издание никогаш и не помислиле дека ќе остават свој печат врз литературата, но „убоста и светоста на овој, пред се наш, но и сечиј Охрид, ќе ги обележи нивните судбини“. 

-Од нивните души ќе протече река од стихови со кои ќе ги облагородуваат  и воспитуваат  децата, рече Бачиќ.

Книгата „Охридски писатели за деца и младинци“ е дел од едицијата  „Охридско книжевно наследство“ во чии рамки претходно локалната власт издаде девет трудови од истите автори. аб/aa/

фото/МИА

Остани поврзан