• недела, 22 декември 2024

Муцунски: Во сложениот геополитички контекст во Европа мораме да бидеме одговорна членка на НАТО 

Муцунски: Во сложениот геополитички контекст во Европа мораме да бидеме одговорна членка на НАТО 

Брисел, 25 јуни 2024 (МИА) - Како членка на НАТО мораме да бидеме одговорна земја посебно во период на навистина сложен геополитички контекст на континентот на којшто ние живееме, порача денеска од Брисел министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски по средбата со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг во седиштето на Пактот. 

- Не е прашање дали треба, туку мораме да ги продолжиме таквите инвестиции. Тоа е во интерес на Алијансата на која што сме член, но сметаме дека тоа е и во наш национален интерес, изјави Муцунски, потврдувајќи ја посветеноста на земјата на исполнување на обврската за издвојување на средства до Буџетот за одбраната на ниво најмалку два проценти од националниот БДП. 

Муцунски изрази задоволство од средбата со Столтенберг, која ја оцени како позитивна и срдечна и на која ги потврдил заложбите на новата Влада, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, поврзани со нашето членство во НАТО, како поддршката на политиката за одбрана и одвраќање и континуираната поддршка на Украина. 

Шефот на дипломатијата додаде дека со Столтенберг разговарале за претстојниот самит на НАТО во Вашингтон на кој ќе се одбележат 75 години од формирањето на Алијансата и каде што шеф на нашата делегација ќе биде премиерот Мицкоски. 

- Планираме активно учество каде што ќе се носат клучни одлуки поврзани со иднината на Алијансата и ние секако ќе бидеме активен чинител во придонесувањето на тие идни политики, додаде Муцунски.  

Тој потенцира дека покрај 100-процентната усогласеност на земјава со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, дополнително еднакво значајно е тоа што таа како мала држава го прави како членка на НАТО. 

- Заштитата на поредокот на меѓународното јавно право е многу значајна. Т што се случува во Украина од таа гледна точка, но и од безбедносна гледна точка не смее да дозволи кога било да се повтори. Нашите заложби како политички така и безбедносни ќе продолжат во насока на поддршка на Украина и ставање на што е возможно побрз крај на тој тажен воен конфликт, заклучи Муцунски. 

Дводневната работна посета на Брисел министерот Муцунски ќе ја продолжи со средби со претставници на Европската Унија. сп/са/

Фото: МИА

Остани поврзан