Принудувањето не е правилен начин на воспитување
- Наместо притисок за другарство по секоја цена, научете ги децата да бидат љубезни со сите, но внимателно да избираат со кого ќе се поврзат.
![Принудувањето не е правилен начин на воспитување](https://mia.mk/images/20250210120323_big_730x400_30.webp )
Њу Делхи, 10 февруари 2025 (МИА) - Родителството се заснова на насоки, а не на постојана контрола. Важно е родителот да ги учи своите деца на добри вредности, а присилувањето не е правилниот начин, објави „Тајмс оф Индија“. Следат пет лоши навики на родителите коишто влијаат лошо врз воспитанието, и тие не треба да ги прават.
Принудно споделување со другарчињата
Споделувањето е важна вредност во животот. Но, кое било дете не треба да биде принудено да се откаже од своите работи, само затоа што „мора“ да го направи тоа. Ако го /ја принудите да сподели нешто, таа /тој може да почувствува како да нема контрола над своите предмети, што предизвикува фрустрации.
Совет: Научете го детето на великодушност и споделување, но истовремено помагајќи му да ја разбере разликата меѓу љубезноста и личните граници.
Дружење со сите
Природно е родителите да поттикнуваат љубезност и вклученост, но и принудувањето на децата да бидат „другарчиња со секого“ може да има негативни последици. Децата, како и возрасните, имаат свои претпочитања, зони за удобност и инстинкти за тоа со кого се чувствуваат безбедно и удобно. Присилувањето на другарување може да го натера детето да ги игнорира сопствените чувства и да толерира нездрави врски.
Наместо притисок за другарство по секоја цена, научете ги децата да бидат љубезни со сите, но внимателно да избираат со кого ќе се поврзат.
Извинување, но не искрено
Зборот „извини“ е важна животна вештина, но го губи своето значење ако детето го каже тоа, само затоа што е принуден /-а. На тој начин, „извини“ станува обичен збор т.е. формалност, наместо лекција за емпатија и признавање грешка.
Совет: Наместо да му /ѝ наложите извинување, помогнете му на Вашето дете да разбере зошто одредени постапки и грешки повредиле некого. Поттикнете искрено жалење и каење во свеста на младата личност која сѐ уште се развива.
„Јади, дури и ако не си гладен /-на!“
Родителите, вообичаено, се грижат за исхраната на своето дете, но принудувањето да јаде и кога тоа не е гладно, води до нездрави навики во исхраната. Таквиот пристап може да предизвика и често прејадување, дебелина, но и губење на природните нагони за глад, негативен став кон храната итн. Навиката да се јаде внимателно е многу покорисна од компулсивното јадење.
Совет: Наместо да ги терате да изедат сѐ што е во чинијата, понудете им на децата хранливи оброци во редовни интервали. Така е поверојатно дека ќе знаат да го слушаат своето тело.
Самостојност, личен избор и креативни решенија
Секое дете има свој уникатен начин на учење и решавање проблеми. Инсистирањето дека постои само еден, „вистински“ начин, може да ја задуши креативност и самодоверба кај личноста во развој. Без разлика дали решава загатка, црта слика или го организираат својот простор, треба да се даде предност на слободата на експерименти. Поттикнувањето креативно размислување помага да се развијат вештини за решавање проблеми, независност и љубов кон учењето. си/рп/
Фото: МИА архива