• четврток, 20 февруари 2025

Претставници на германска компанија за аеропрочистувачи во земјава, се разгледуваат можности за одржливи решенија

Претставници на германска компанија за аеропрочистувачи во земјава, се разгледуваат можности за одржливи решенија

Скопје, 19 февруари 2025 (МИА) - Вкупно 255 системи за филтрација на воздух со медицински стандард на заштита од бактерии, вируси, алергени,... ќе бидат распределени во градинки, училишта, болници и други јавни установи низ земјата. Системите се од реномираниот германски производител MANN & HUMMEL, а ги донира домашната компанија ЕКОТИП ДООЕЛ Скопје за што денеска беше потпишан Договор со Владата.

Договорот вреден еден милион евра, го потпишаа владиниот генерален секретар Игор Јанушев и менаџментот на ЕКОТИП ДООЕЛ Скопје.

Како што информираа портпаролката на Владата Марија Митева и Ламбро Патче од ЕКОТИП по потпишувањето на Договорот, претставници на MANN & HUMMEL се во посета на земјава. Продолжуваат да ги разгледуваат можностите за натамошна соработка и за изнаоѓање дополнителни и долгорочни одржливи решенија за аерозагадувањето.

-Загадувањето на воздухот останува еден од најсериозните еколошки и здравствени предизвици во Македонија. Во контекст на напорите за преземање значајни мерки за намалување на загадувањето на воздухот преку капитални проекти, Владата активно работи на долгорочни стратегии преку инвестиции во одржливи енергетски решенија, зголемена контрола на емисиите и поддршка на зелени технологии. Но, со оглед дека спроведувањето на овие мерки бара време, ваквите брзи и ефикасни донации од приватниот сектор се од суштинско значење за заштита пред се на здравјето на граѓаните, рече Митева.

Според неа, вложувањата во здравјето на граѓаните состанува владин приоритет.

-Сепак, успехот во оваа област зависи и од заедничките напори на сите сектори. Затоа, како Влада, особено го истакнуваме значајниот придонес на приватниот сектор, како што е оваа донација од 255 системи за филтрација на воздухот во вредност од 1 милион евра. Се надеваме дека овој пример ќе послужи како инспирација за други компании да се вклучат и да придонесат во заедничката борба за почист воздух и се разбира, за поздраво општество. Владата остануваме посветена на преземање активности против аерозагадувањето, потенцира портпаролката.

И Патче од ЕКОТИП апелира бизнисот да се вклучи во поддршка на мерките против аерозагадувањето.

-Велат дека чистиот воздух е едно од човековите права и дел од сите меѓународни акти и конвенции. Кај нас е едно од најсензибилните прашања и сите треба да дадеме учинок во тој дел. Апелирам бизнисот да го следи нашиот пример. Владата работи на стратегии, но за се е потребно време. Да дадеме сите придонес, бизнис заедницата игра клучна улога во овој дел, истакна Патче.

Во однос на донираните аеропрочистувачи, објасни дека се иделни за задржување на најстините честички како вируси, бактерии и алергени, па поради тоа, напомена, се и одлични за во градинки, школи, студенски домови и медицински центри. мч/ац/

Фото: МИА и Влада на РСМ

Остани поврзан