• недела, 21 јули 2024

Претседателот Пендаровски се сретна со маратонецот Дарио Ивановски

Претседателот Пендаровски се сретна со маратонецот Дарио Ивановски

Скопје, 22 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска во градскиот парк во Скопје се сретнал со маратонецот Дарио Ивановски, кој пред неколку дена постави нов македонски рекорд на маратонот во Севиља, Шпанија, како и со неговиот тренер и менаџер, Игор Јакимовски и атлетичарот Жан Тосев.

Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, тој му честитал на Ивановски за извонредниот резултат и постигнатиот успех, со кој ја исполни нормата и ќе трча во дисциплината полумаратон на Европското првенство во атлетика во Рим, кое ќе се одржи од 7 до 12 јуни годинава.

Ивановски го запознал претседателот Пендаровски со текот на неговите подготовки во пресрет на настапот на претстојното Европско првенство, како и за можноста во Рим да обезбеди норма за настап и на годинашните летни Олимписки игри во Париз.

- Посочувајќи дека успесите на македонските спортисти претставуваат голема гордост за целата нација, претседателот Пендаровски на Дарио Ивановски му посака успех во натамошната кариера и порача дека со упорност, желба и силна волја, може да се совладаат и најголемите предизвици, се наведува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.

Дарио Ивановски ја истрча маратонската трка во Севиља за 2 часа 8 минути и 25 секунди што претставува нов државен рекорд, подобрувајќи го и својот досегашен рекорд за 3 и пол минути. Со овој резултат, Ивановски се доближи на само 15 секунди до олимписката норма од 2 часа 8 минути и 10 секунди и се искачи високо на светската ранг листа преку која може да обезбеди учество на Олимпијадата во Париз. цр/лв/

Фото: Кабинет на претседателот на државата Стево Пендаровски

 

Остани поврзан