• недела, 16 јуни 2024

Преку проект ученици и наставници од Куманово се обучуваат за зголемување на интернет безбедноста

Преку проект ученици и наставници од Куманово се обучуваат за зголемување на интернет безбедноста

Куманово, 4 ноември 2023 (МИА) - Граѓанскиот центар „Активум“ и кумановското основно училиште „Крсте Мисирков“, периодов организираа работилници и активности во насока на зголемување на интернет безбедноста помеѓу учениците и наставниците, соопштија денеска од здружението. Преку повеќе активности учениците се обучуваат да препознаат и да ја зголемат свеста за сајбер булингот и последиците. 

Претставници од училиштето, професор по информатика, педагог, претставник од СВР Куманово работат и со наставниците за зајакнување на нивните дигитални вештини/познавање и подобрување на дигиталната опременост во училиштето. Активностите се реализираат во рамки на проектот „Think b4 you click – Размисли пред да кликнеш“ кој „Активум“ и училиштето почнаа да го реализираат од септември, годинава. Опфатени се ученици од петто до деветто одделение.

-Веќе подолго време медиумите од држава известуваат за алармантен број на жртви од сајбер насилство при што учениците и родителите не знаат како да ги решат проблемите, а училиштата бараат модел и превентива како да се справат со него. Општина Куманово не е имуна на ваквите трендови. Пред започнувањето на активностите, а преку разговор со наставниците од училиштето е утврдено дека наставниците се свесни дека учениците ги користат социјалните мрежи без родителски надзор и создаваат профили на интернет без разлика на возрасното ограничување или типот на содржината. Свесни се и дека сајбер булинг постои и дека децата не препознаваат дека нивните постапки се акт на насилство кое има последици, не знаат како да се заштитат, и не секогаш препознаваат дека се жртви на насилство за кое имаат право да бидат заштитени, наместо засрамени, изјави Марија Тошева од „Активум“.

Паралелно со работилниците ќе се креира безбедно сандаче за анонимно пријавување на случаи на насилство и барање на поддршка, ќе се креираат визуелни ресурси за превенција базирани на реални сценарија и широка мрежа на едукативни сесии на одделенските часови, со цел темата да продолжи да се разговара и надградува во текот на целата школска година.

-Засега во општина Куманово не постои стратешки и координиран пристап кон дигиталната писменост и сајбер насилството, ниту одржливи активности на оваа тема. На овој проект гледаме како пилот активност која може да претставува добра основа за иницирање и надградување на понатамошни активности во доменот на дигитализацијата и младите во нашата општина, како и потенцијалите на соработка меѓу здруженијата на граѓани и локалните институции и училишта, додаде Тошева.

Активностите се поддржани од Фондација „Отворено општество Македонија“.ам/вј/

Фото: Здружение „Активум“

Остани поврзан