• среда, 15 мај 2024

Предизборно соочување на претседателските кандидати: Ветуваат подобра иднина за државата, спротивставени ставови за уставните измени

Предизборно соочување на претседателските кандидати: Ветуваат подобра иднина за државата, спротивставени ставови за уставните измени

Скопје, 21 април 2024 (МИА) – Во предизборното соочување на Националниот сервис, претседателските кандидати ја претставија својата визија и програма, со која сите ветуваат подобра држава, спречување на корупцијата и запирање на иселувањето на младите. Во однос на промените во Уставот, изразија спротивставени ставови.

Претседателскиот кандидат на коалицијата предводена од СДСМ Стево Пендаровски вели дека ќе бара претседателот да има повеќе ингеренции.

- Имав принцип кога го почнав мојот мандат, мислам дека е непринципиелно да не барам повеќе ингеренции. Би рекол дека суспензивното вето треба да премине во апсолутно вето, рече Пендаровски. 

Во однос на други промени на Уставот, смета дека не треба целосно да се менува Уставот, но во однос на ЕУ, дециден е, дека треба да се отвори.

Потенцираше дека сè уште живееме во поделено општество и дека една од неговите заложби била да се обиде да го намали овој јаз кој постои со години.

- Едно време постоеше огромен јаз меѓу етничките заедници, особено меѓу Македонците и Албанците. Во изминативе 10-15 години постои јаз меѓу самите Македонци, меѓутоа за жал во тој дел, дел од луѓето не беа подготвени да го направат тој чекор, едни кон други, а еден дел од нив беа инструирани од политичките субјекти да не го прават тоа. Можам да кажам дека во тој дел ни претстои огромна работа, кој било да е претседател во следните пет години затоа што поделено општество по дефиниција не може да ги користи сите потенцијали кои му се на располагање, рече Пендаровски.

Кандидатката за претседател на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова вели дека на државата и недостасува единство без оглед на која било припадност, достоинствено однесување на највисоките носители на власта, добро здравство, добра социјална заштита.... 

На прашањето за нов Устав со нова Преамбула со почитување на правото на заедниците, Силјановска-Давкова вели дека треба да се направат темелни уставни промени.

- Прво, секаде рамнотежата меѓу трите власти е пореметена во корист на егзекутивата. Кај нас особено е пореметена. Проблем е што имате две влади, не една влада, два парламенти во кои нема комуникација. Треба да се направат темелни уставни промени, оценува Силјановска Давкова.

Според кандидатот на ГРОМ и Коалицијата „Храбро за Македонија“ Стевчо Јакимовски, добриот политичар мисли на следните генерации. 

- Стравот пред се доаѓа од лошите резултати и немање желба да се фатиме со вистински проблеми. Стравот доаѓа од незнаење. Недостасува образование, зголемување на придонесот за здравствено осигурување, администрација преголема, нашиот страв е дека ние нема да влеземе во ЕУ и треба да имаме рок до 2030 ако не влеземе треба да останеме храбро на тој пат. Подобрување на животниот стандард, рече Јакимовски.

Претседателскиот кандидат на ДУИ и Европскиот фронт Бујар Османи рече дека претседателот треба да има два квалитета - искуство и визија за иднина. 

Во однос на барањето претседателот да се избира во Собрание со двотретинско мнозинсов, Османи рече дека сегашниот избор претставува дополнителна ескалација.

- На повеќето претседатели опозицијата не им се обраќаше со претседател. Мислам дека во еден инклузивен процес помеѓу македонскиот блок ќе има деполаризација меѓутоа и вклучување на сите останати во донесување на одлуката. Во духот на Охридскиот рамковен договор, рече Османи.

Според кандидатката на „Левица“ Билјана Ванковска, на општеството му треба радикална промена – од корен да се детектираат проблемите, а науката да ги даве сите алатки. 

- Ние во 1991 година тргнавме по една патека, 2001 година по друга патека. Јас сум за нов устав со сите овие слабости што уставниот поредок ги покажува, меѓутоа и тој самиот процедура ако 2001 бил причина за војна, сега е причина за катастрофа, рече Ванковска.

Кандидатот на коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари потсети дека како градоначалник на Гостивар успеал да постигне добра кохезија меѓу сите етнички заеднициј.

Во однос на тоа албанскиот јазик да биде службен на цела територија, вели дека демографијата е ваква каква што е и дека мораме да живееме со неа. 

- Во Косово живеат четири или пет отсто Срби и јазикот се употребува на целата територија. Ние после 50 години зборуваме дали треба да употреби 20 или 30 проценти. Првиот претседател го избравме во Собрание, да отвориме дебата за нов устав, нови ингеренции за претседател за сите ние да ја чувствуваме оваа држава како наша, рече Таравари.

Кандидатот на ЗНАМ- За наша Македонија, Максим Димитриевски, во однос на тоа што не треба да се промени, а што треба, кажа дека овој устав е напишан на 17 ноември 1991.

- Бадентер рече дека е еден од најдобрите тогаш постсоцијалистички. Сметам дека не е потребно да се промени на Уставот, сепак не смее да се дозволи уривање на унитарноста на државата и скриена трансформација од прост во сложен тип на уредување на држава. Нашата политичка елита водејќи се лукративно отстапува во континуитет, кажа Димитриевски. нд/бт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан