• понеделник, 13 мај 2024

Пратениците на Левица го бојкотираа годишното обраќање претседателот Пендаровски

Пратениците на Левица го бојкотираа годишното обраќање претседателот Пендаровски

Скопје, 19 декември 2023 

Ја известуваме македонската јавност дека двајцата опозициски пратеници на Политичката партија Левица во Собранието на Република Македонија – Димитар Апасиев и Борислав Крмов – традиционално, веќе трета година по ред, не присуствуваа на пленарната седница, на која се обрати претседателот на Републиката – Стево Пендаровски. За нас, тој е невидлив претседател и како таков треба да биде третиран во законодавниот дом.

Нашите пратеници одбиваат да партиципираат во формалистичкиот театар на т.н. „шеф на државата“, кој ги одмолчи сите национал-шовинистички испади на нашите балкански соседи и божемни европски партнери –  за кои, сè почесто, во нивните јавни обраќања, стануваме „Северномакедонски пријатели“. Сметаме дека еден ваков ситнодушест буржуј, кој сервилно го одмолчува секојдневното подигрување со инсигниите на македонската нација и негирањето на македонскиот јазик, нема ништо паметно да каже и затоа не го заслужува вниманието на нашите народни пратеници и на пошироката јавност.

Пендаровски, познат по своите психички неурамнотежени испади на прес-конференции, по својот некреативен дрвен новоговор и апологет на невизионерскиот НАТОфундаментализам, никогаш не бил и нема да биде вистински прифатен како „Татко на нацијата“. Тој ќе остане запаметен како промотор на антимакедонската сервилна меѓународна политика, која преку национално понижување на Македонците, Републиката ни ја направи протекторат на западните корумпирани елити. Неговото неминовно заминување од политичката сцена во 2024 година ќе биде катарза за нов почеток во водењето на современа, достоинствена и мултиполарна државничка надворешна политика, креирана од новата генерација храбри македонски политичари, со визија за еден нов и праведен свет.

Долу вазалите!
Долу косоваризацијата!
Долу бугаризацијата!

Да живее слободна и суверена Република Македонија!

Политичка партија Левица

фото МИА архива

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан