• понеделник, 23 декември 2024

Почнуваат тендерските постапки за изградба на 43 типски куќи во штипската населба Света Недела

Почнуваат тендерските постапки за изградба на 43 типски куќи во штипската населба Света Недела

Штип, 1 март 2024 (МИА) - Почнуваат тендерските постапки за изградба на 43 типски куќи во штипската населба  Света Недела, во кои ќе се сместат ромски семејства, информираше на денешната прес-конференција, Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова.  Станува збор за сместување на 43 семејства, или 300 граѓани кои во моментов живеат во субстандардни услови во зградите на поранешното Нервно одделение и во стари куќи во централното градско подрачје. Проектот тежок 900.000 евра за општините Штип и Берово, од кои 500.000 евра се за Штип се реализира од европските фондови.

-Проектот предвидува инфраструктурни зафати, меки мерки, или поточно урбанистичко планирање во населбата, каде што живее ромското население, како и мерки со кои ќе се подобри здравјето и воопшто животот на Ромите во нашата Општина.  Во однос на инфраструктурниот дел би сакале да ја известиме јавноста дека од наредната недела ќе започнат активностите за објавување на тендерски постапки преку кои ќе обезбедеме економски оператори, а кои ќе бидат одговорни за реализација на монтажните, односно типските објекти, вели Шорова-Ангелова.

Таа посочи дека општината со 43 ромски семејства работи извесен период и веќе ги имаат потпишано изјавите, со кои се согласни да се вселат новите типски куќи во населбата Света Недела. Освен изградба на куќи, општината ќе биде должна да изгради водоводна и канализациона мрежа, осветлување и улици во населбата. Прашана за тендерските постапки, колку време ќе се одвиваа, Шорова-Ангелова одговори дека станува збор за неколку и воз ависност од нивната финансиска конструкција ќе се одвиваат од 15 до 60 дена.

-Проектот мора да се реализира во рок од осум месеци, што значи дека во тој период не само што ќе треба да овозможиме овие лица да бидат преселени веќе таму, туку ќе мора да завршиме и со урбанистичката, односно планската документација со која што ќе овозможиме да се урбанизира тој дел од нашиот град, изјави Шорова-Ангелова.

Изградбата на типските куќи во населбата Света Недела има и големо значење и за доизградбата на булеварот „Партизанска“, во должина од еден километар од зградата на Автомото друштвото до населбата Баби. вдј/сст/

Фото: МИА 

Остани поврзан