• среда, 17 јули 2024

Посебен сообраќаен режим во Крива Паланка за време на фестивалот

Посебен сообраќаен режим во Крива Паланка  за време на фестивалот

Крива Паланка, 22 август 2023 (МИА) - Локалниот совет за превенција на Општина Крива Паланка упати апел граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила по констатацијата дека недоволно се почитуваат при паркирање автомобили на главната улица„ Св. Јоаким Осоговски“, а за време на празнувањата и фестивалите неделава во градот ќе се воведе посебен сообраќаен режим.

На Локалниот совет на превенција од ОВР Крива Паланка апелираа на внимателно паркирање во централното градско подрачје, особено на местата обележани за лица со попреченост, за такси превозници и во кругот на ТППЕ, како и почитување на времето за дозволено запирање долж главната улица.

-Во пресрет на најголемите настани од „Кривопаланечко културно лето 2023“ и зголемената посетеност на Крива Паланка што се очекува од среда 23-ти се до 29-ти август, се апелира граѓаните на Крива Паланка да се воздржат од користење автомобили, освен со случаи на неопходност, како и да придонесат за подигнување на нивото на сообраќајна култура преку паркирање на соодветни локации, и овозможување предност за паркирање на посетителите на Крива Паланка, се наведува во соопштението од Локален совет за превенција на Општина Крива Паланка.

Од 23 до 25 август 2023 на градскиот плоштад во Крива Паланка ќе се одржи 18 Меѓународен фолклорен фестивал „св. Јоаким Осоговски“, а за времетраење на јавните собири и одржување на фестивалот ќе биде забрането паркирање автомобили во централното градско подрачје, на потегот од Соларски мост до ЛУб Градски музеј како и на сите површини околу градскиот плоштад.

-Се укажува на граѓаните кои живеат на главната улица, долен крак, да ги препаркираат своите возила на другите слободни површини предвидени за паркинг во делот на градскиот пазар или автобуската станица. На 23 август 2023 во период од 11 часот ќе биде забранет сообраќајот и паркирањето на потегот од соларски мост по целата должина на ул. „св. Јоаким Осоговски“, сите површини околу градскиот плоштад со цел истовар и монтажа на сцена, а од 19 до 19:30 ќе биде забранет сообраќајот во двата правци на потегот од Осичка маала до Градски музеј поради одржување свечено дефиле на учесниците на фолклорниот фестивал, посочуваат од Советот за превенција.

Организаторите на фестивалот најавуваат дека и на 24 август, од 19 до 19:30 часот ќе биде забранет сообраќајот на потегот од нас. Единство до Градски музеј, каде ќе се одржи дефилето на втората фестивалска вечер, додека третата вечер, 25 август, од 19.00 до 21 часот ќе биде забранет сообраќајот на потегот од населба Бавчалак до музејот.

Општина Крива Паланка има организирано два алтернативни бесплатни паркинг-простори во градот, едниот кај комплексот згради во населба Единство и градскиот зелен пазар, а сите посетители што се очекуваат и на „Џојфест“ и за празнувањата на Успение на Пресвета Богородица и Св. Јоаким Осоговски, 28 и 29 август, можат да го користат и паркингот кај градската автобуска станица.

За време на организација на Џојфест, запирање и паркирање ќе биде забрането и на дел од главната улица, од Осички мост до Мотел Македонија. ид/ир

Остани поврзан