• четврток, 26 декември 2024

Поради чести одрони се препорачува многу внимателно возење по патиштата во Дебарско

Поради чести одрони се препорачува многу внимателно возење по патиштата во Дебарско

Дебар, 25 септември 2023 (МИА) - Обилните врнежи од дожд, кои продолжуваат и во текот на денов, на патните правци, во поширокиот дебарски регион, предизвикаа чести одрони, каде сообраќајот се одвива непречено, но се препорачува внимателно возење.

-Поради обилните дождови на патните правци под наша надлежност има чести одрони од камен и земја, по што е познат нашиот регион. Поради тоа но и влажните коловози препорачуваме многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација. Наши екипи се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот, рече за МИА, Деар Лиманоски, раководител на дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.

Вообичаено на патниот правец Дебар – Маврово најчести се одроните кај селата Рајчица, Косоврасти и Јанче, месноста Ростушки Мост, потоа во близина на Бигорски манастир и месноста „Сенечки ливади“, на патот кон Струга кај месноста „Три чешми“, како и месноста „Кокошкина краста“ на патот Мелнички Мост-Центар Жупа.

Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар-Маврово), Дебар- Глобочица (патен правец Дебар-Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост-Центар Жупа или над 110 километри.

Дожд секако позитивно ќе влијае во зголемувањето на дотеците на реките и потоците во овој регион, што пак ќе услови зголемен дотек на вода во акумулацијата на Хидроелектраната „Шпилје“. вт/цр

Фото:МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан