Митра Анѓелеска, илинденка, минала 2,5 години во турски зандани со дете-цицалче; едвај добила минимална пензија
- Некој шпиун ја издал четата и нашата куќа беше сардисана (опкружена, н.з.) од турскиот аскер-војници, ама јас како свесна жена ја отворив скривницата (и таму) влегоа 12-те души - четници и така успеав да ги спасам четниците од смртта. Јас бев жена со мало дете од 3 дена. После претресувањето на селото не се најдоа четниците. По заминувањето на аскерот јас им (ја) отворив вратата на четниците и (тие) си заминаа в планина по каналот, се навраќа македонската хероина.
Демир Хисар, 16 aвгуст 2025 (МИА)
Пишува: Слободан ИВАНОВ
- Во почетокот на македонската современа државност - 1940-тите и 50-тите, преку барањата за илинденски пензии, дознаваме за стотици и илјадници борци - обични четници кои, секој на свој начин, оставиле печат во македонските националнореволуционерни борби од илинденскиот период. Меѓу можеби најзанимливите случаи е оној на Митра Котева Анѓелеска, омажена за Коте од село Мургашево, кај Демир Хисар.
„Родена сум 1881 година во с. Вардино, околија Демир-Хисарска. Пред 1903 - пред Илинденското востание, уште од тогаш како жена - организаторка почнав да ѝ помагам на четата од Велко Марковски од Крушевскиот реон - помагав со перење алишта, месев леб, предавав писма од село до село... Како такви бевме организатори со мојот маж Коте Анѓелески. Од страна на војводата, нам ни се наложи да направиме една скривница во нашата куќа. Ние војводата го послушавме и направивме скривница“, пишува Анѓелеска.
Ова, всушност, го раскажува во втората молба за илинденска пензија. Инаку, првата молба, каде што Митра Анѓелеска како сведок ја наведува и „другарка“ ѝ Мара Крстеска - родена сестра на славниот војвода Блаже Крстев - Биринчето, ѝ била вратена на барателката од страна на Одборот за илинденски пензии при Президиумот на Народното собрание на НР Македонија. Надлежните во таа прилика ѝ побарале на Анѓелеска неколку дополнителни документи, меѓу коишто и поопширна биографија.
Скривалиштето под куќата на Митра и Коте Анѓелески е направено околу времето на Илинденското востание, по налог на војводата Иван Костов Џонев (Ванчо Џонето) од Крушево. Таа просторија била „добро маскирана под земја за да може да се излезе од куќата дури до реката селска“, се истакнува во записот напишан на машина за чукање. Подземната скривница, вели, можела да собере една цела чета од 25 - 30 души.
Во првата, покуса автобиографија, Митра спомнува дека околу 1908. - ’10 година минала помалку од 3 години во турски зандани заедно со своето дете-цицалче.
Таа и во двата записа се присетува за Џонето, и за тоа како во 1902. го заменил војводата Велко (Веле) Марков од Селце, Крушевско.
- После погинувањето на војводата Велко Марковски во с. Ракитница, во нашиот реон настапи како војвода Ванчо Џонето. Потоа, (во 1907., според првата биографија, н.з.) со 12 души - четници (Џонев) дојде во нашата куќа, а тој момент, некој шпиун ја издал четата и нашата куќа беше сардисана (опкружена, н.з.) од турскиот аскер-војници, ама јас како свесна жена ја отворив скривницата (и таму) влегоа 12-те души - четници и така успеав да ги спасам четниците од смртта. Јас бев жена со мало дете од 3 дена. После претресувањето на селото не се најдоа четниците. По заминувањето на аскерот јас им (ја) отворив вратата на четниците и (тие) си заминаа в планина по каналот, се навраќа македонската хероина.
Комитите се спасиле првиот пат... Потоа таа раскажува за тнр. 'уриет' (Хуриет - младотурскиот режим) од следната 1908 година, кога „комитите се соединиле со Турците“, но после извесно време, Турците „пак си почнаа со истото мачење на македонскиот народ“, сведочи Анѓелеска.
- Четниците, кога видоа дека не можат да опстанат, повторно образуваа свои чети и си почнаа со својата работа. Така, при мене носеа разни писма за да ги пренесам по околните села каде што имаше потреба. Во тоа време, мојот маж Коте побегна за Америка заедно со својот брат Даме, зашто 'им пpeтeшe' (им се закануваше) голема опасност од страна на Турците, продолжува Анѓелеска.
Но, четите се враќале во нејзината куќа, каде што течел каналот за пренесување писма и други материјали потребни за по другите села.
- Некои шпиуни дознале за скривницата и отишле во 'мудурницата' (општината) во с. Прибилци, и известиле дека во мојата куќа се наоѓа скривница за криење четници. Власта штом дознала за тоа, одма наредила да се пронајде скривницата. Ноќта околу 12 - 1 сатот, мојата куќа беше сардисана од страна на турскиот аскер и почнаа да ги туркаат ѕидиштата, да барат оружје и др. Јас како жена - организаторка (претходно) станав и, што имав разни писма, пошта за предавање - ги изгорев само да не паднат во рацете на аскерот. Ако тоа како свесна организаторка не го сторев, ќе настрадаа многу фамилии. При претресот само ми најдоа едно тенеќе (лимена кутија, н.з.) со тутун, наменето за четниците. Тоа не можев да го спасам во тоа брзање. И во тој момент скривницата беше откриена и мене со две деца ме истераа во дворот гола и боса во снегот да стојам дури тие вршеа претрес а турските војници со ножовите на пушки само ме мачеа да им кажам каде има скриено оружје и др. материјали од четниците, раскажува Анѓелеска.
После извршениот претрес, турско-отоманските власти ја однеле со малото дете во с. Прибилци, кај турскиот мудур (управник на општината). Револуционерката натаму пишува:
- Така, боса по снегот и таму ме мачеа на разни маки, за да ја оддадам четата - каде се наоѓа, ама јас со тврда волја тоа не го сторив. Во мудурницата на с. Прибилци бев затворена во долапи, мачена со разни маки 10 - 12 дена и распитувана кој ја направи скривницата - јас како свесна жена, никого не издадов, иако знаев дека беше правена од страна на мојот маж Коте, и мајсторите Илија Чачор и Стеван Црнески од с. Журче, за да им служи на четниците за случај на потреба. Мудурот кога виде дека ништо од мене не може да открие, нареди да бидам одведена во Битола во затворот викан 'Катилана'. Веднаш ме зедоа двајца војници, ме врзаа и така врзана со детето ме одведоа во затворот 'Катилана' во Битола. По такво време јас изминав пат од с. Прибилци до Битола 35 км. И така, дури ноќта стигнавме во Битола и таму ме турија во долапите и почнаа да ме мачат со разни и нечуени маки.
По 5 месеци Анѓелеска е осудена на 3 години затвор. Нејзиниот маж Коте, вели, кога дознал дека таа е в затвор - се вратил од Америка и сите пари што ги спечалил им ги дал на турските валии за таа да не биде испратена 'сургун' (прогонета, во заточеништво) во Дијар-Беќир.
- И така, јас издржав 2 и пол години строг темничен затвор. После испуштањето со маж ми живеевме во Битола, зашто повторно ни се закануваше опасност да бидеме убиени заедно со мажот ми Котета. Во ноември 1911 година, ми го затворија и мажот ми Котета, за истата работа - дека и тој (им) помагал на четниците. И така, мажот ми беше затворен 12 - 15 дена, и Демир Усеиноски од с. Мургашево, кога разбрал, му зеде на мажот ми 5 пет турски лири, за да го пушти од затворот. Ние, сакаме-неќеме, моравме да му дадеме 5 лири глоба. Со плаќањето на глобата, мажот ми Коте беше ослободен од затворот и така ние не смеевме да останеме во Битола и затоа по канал пребегавме во с. Крстор, Битолско, нагласува Анѓелеска.
Така, таа била сместена во куќата на Спасе Карајоноски од с. Крстор, а мажот ѝ Коте побегнал и ѝ се приклучил на четата на Блаже Крстев - Биринчето.
- Нашиот соработник Спасе Карајоноски и ден-денес е жив и може да посведочи дека кај него живеев сѐ до пропаѓањето на турската империја - 1912. год. - сѐ дури се ослободи македонскиот народ од турското ропство, подвлекува Анѓелеска.
Оваа автобиографија е завршена на 15. август 1951, во с. Мургашево. Македонските власти, според истражувачот Кочо Топузоски и неговата книга „Ветераните на Илинден“ (изд. „Панили“, Скопје, 2017), истата 1951. ѝ одобриле пензија на 70-годишната ветеранка. Таа добивала 1.000 динари, што било, всушност - најниската илинденска пензија. Во јули 1953. Анѓелеска добила незначително покачување.
Од други документи, се гледа дека други борци-ветерани биле одбивани за пензија зашто, не баш во времето на Илинденското востание, туку - биле револуционерно активни „дури“ неколку години потоа. Или пак, добивале ниска пензија зашто токму во тоа лето, 1903., нивното делување „не било“ доволно значајно. Можеби така бил толкуван тогашниот Закон за илинденски пензии, но според многумина, тоа тесногледо толкување, просто - не е праведно.
Истражувачот Кочо Топузоски забележува дека Анѓелеска добивала минимална пензија од август 1951. до 1 август ’56 - точно 5 години... Или расчленето: 2,5 години - колку што жената во младоста минала в затвор, и уште 2,5 години - колку што нејзиното тогаш мало невино дете минало во занданите со неа.
Потоа, тогашните македонски властодршци решиле да ѝ ја укинат пензијата на 75-годишната старица. Одлуката на надлежните била конечна и без право на жалба. си/
Фото: МИА.