Елка Јачева Улчар: За кодошите!
- И оттука натаму престанувам да го следам шоуто и почнува да ми се расплетува филмот за КОДОШОТ на татко ми (документиран), за КОДОШИТЕ мои (посредно документирани со пораки, лаги, измислици тајно и јавно изречени...), пишува Елка Јачева Улчар, осврнувајќи се на кодошот кој имал задача да се вовлече во пазувите на татко и и да дава извештаи за него, обезбедувајќи си со тоа удобен живот
Скопје, 17 август 2025, (МИА)
„Го гледам „Шоуто на Богдан“ со колешката Катерина Тодорoска во која се зборува за животните патишта на Емануел Чучков и на Кирил Петрушев, чии потомци ги знам, а со дел од нив во младоста и другарував без никогаш да ги спомнат животните страдалнички врвици на своите дедовци, кога одеднаш мислата ми се разбива и се разлетува на зборот КОДОШ. Кате вели: „Не знам кој збор да го употребам, барам некој поблаг...“ Богдан ја охрабрува: „Тој е зборот - КОДОШ, токму кодош...“ „КОДОШИТЕ“ - вели Кате, „најчесто биле „пријатели“ на кодошените, наклеветените...“, ја започнува својата сторија во една од последните објави на нејзиниот ФБ профил, Елка Јачева Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков. Пошироката јавност сигурно знае, но сепак, да потсетиме дека таа е ќерка на Ристо Јачев, истакнат македонски поет, романописец, театарски критичар, артист, новинар, уредник, критичар и преведувач, родум од Воденско, кој очигледно бил предмет на обработка на службите.
И продолжува Јачева Улчар:
„И оттука натаму престанувам да го следам шоуто и почнува да ми се расплетува филмот за КОДОШОТ на татко ми (документиран), за КОДОШИТЕ мои (посредно документирани со пораки, лаги, измислици тајно и јавно изречени...)...
Кодошот на татко ми бил платен од државата, моиве се самоангажирани за постигнување повисока позиција во општествената хиерархија... и ова е единствената разлика!
Во се друго КОДОШИТЕ постапуваат исто: ти се вовлекуваат дома, ти седат на софра, ти се прават големи пријатели, а потоа почнуваат да сеат лаги, глупости... Кодошот на татко ми, избран од редот на уметниците од Егејска Македонија, им се вовлекувал во малото станче од 40-ина квадрати (во кој сме живееле: баба ми, дедо ми, прабаба ми и ние четворицата) за да запише:
„Многу е бунтовен... ако се изнервира може да биде опасен по системот... На прашањето зошто поезијата му е толку црна - ми одговори: - Зашто и душата ми e црна...“
Со вакви небулозни записи, кодошот на татко ми си го оправдувал дебелиот хонорар кој во тоа време нему, како на никој друг од бегалците од Егејска Македонија, му носел комфорен и луксузен живот...“, вели Јачева Улчар.
Истакнува дека татко и, како што го нарекува „наивецот Ичо“, знаел да каже за својот кодош, без да знае дека е кодош, дека „многу работи“, дека „знае и многу јазици“ и дека од „преводи живее луксузно“. За нејзините кодоши, пак вели:
„Моите кодоши, речиси, без исклучок ми беа „врли“ пријатели. Ми влегуваа дома... Ми водеа километарски разговори на разни теми... Наивецот во мене (наследство од татко ми) искрено и чесно си ја раскажуваше својата приказна, своите намери и болки од претрпени неправди. Моите кодоши ме поттикнуваа на извесни приказни како, божем, многу заинтересирани и со пријателска поддршка... моите кодоши потоа ги расејувале кај шефови, директори, политичари и други партиски и непартиски високи глави... приложувале ФБ-статуси кои не биле напишани за нив, а во кои, кутрите, се препознавале самите... Речиси сите до еден, без исклучок, се наградени со високи места во општествената хиерархија (професионална и политичка). Меѓу наклеветените не сум сама. Го знам тоа со сигурност!“
Но, како што истакнува, таа и натаму оди со крената глава и мирно спие оти никому никогаш не му била КОДОШ!
„А толку непријатни работи знам за сите нив, без исклучок, ама решавам да молчам. Едно, - што не ми се валка во исто КОДОШКО БЛАТО со нив, а другото се состои во тоа што:
СУМ во очекување на КОСМИЧКАТА правда!
Онаа ежедневната одамна не живее во Македонија!“, пишува еминентната Елка Јачева Улчар за оваа болна тема за нашето општество.