• четврток, 03 октомври 2024

Половина век по трагичната смрт на младиот фудбалер, во Кочани промовирана книгата „Мантов мечтаеше за фудбалот“

Половина век по трагичната смрт на младиот фудбалер, во Кочани промовирана книгата „Мантов мечтаеше за фудбалот“

Кочани, 7 септември 2024 (МИА) – Одбележувањето на 100-годишнината од фудбалот во Кочани и 50-годишнината од смртта на младиот фудбалер Никола Мантов, беше збогатено со промоција на книгата „Мантов мечтаеше за фудбалот“ од авторите Ацо Стојановски и Љубинка Ајтовска. 

Книжевното дело е посветено на Никола Мантов, фудбалер на „Осогово“, кој на 1 јули 1973 година почина на фудбалскиот терен во Кочани, на натпреварот меѓу ФК „Осогово“ и „ФАС 11 Октомври“ од Скопје. 

-Иако на почетокот на својата кариера, 21-годишниот Мантов беше фудбалски мајстор за кого немаше тајни во играта со топката. Играше скоро на сите позиции во екипата и ги исполнуваше задачите што му ги даваа тренерите, затоа што знаеше да биде и „организатор“ и „кртица“ и „фластер“. Ми беше сосед, другар, соиграч, чиј животен пат заврши на теренот на кој мечтаеше да се бори за својата екипа, за љубителите на фудбалот, за родниот град. Со својот талент најави дека ќе стане ѕвезда на кочанскиот фудбал, но за жал неговиот живот прерано згасна, истакна Ацо Стојановски, коавтор на книгата.

Во сеќавањата за младиот кочански фудбалер беше истакнато дека е меѓу малкутемина на овие простори кои починале за време на фудбалски натпревар, а прв во државата чие име денес го носи стадионот на кој играл. 

-Оваа книга е спомен на Мантов, но и за времето од пред педесетина години кога се гинеше за спортот, за аплаузот и радоста кај гледачите на полните трибини на градскиот стадион во Кочани. Преку сеќавањата за него, книгата говори за еден дел од историјата на спортското живеење, се раскажува за Старо Игралиште, за влијанието на спортскиот терен во животот на луѓето од ова место, за детските и момчешките игри и дружби. Во неа се споменуваат многу прекари на тогашните фудбалери и фудбалски рабтоници, што е материјал и за ономастичарите; а има и записи од новински извештаи за натпреварите на „Осогово“ во времето на Мантов, истакна Љубинка Ајтовска, коавторка на книгата.

Делото содржи десет тематски целини посветени на Мантов, но и податоци и фотографии од последниот натпревар на „Осогово“ со „Пелистер“, одигран пролетва на Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани, натпревар со кој се одбележа еден век фудбал во Кочани.

Рецензент на делото е Валентин Бобришев, спортски работник и тренер на „Осогово“ од времето на Мантов. та/аа/

Фото: МИА

 

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан