• недела, 29 декември 2024

ИЈЗ: Граѓаните да не ја пијат веднаш водата по нејзиното пуштање во водоводната мрежа

ИЈЗ: Граѓаните да не ја пијат веднаш водата по нејзиното пуштање во водоводната мрежа

Скопје, 21 декември 2024 (МИА) - Откако Институт за јавно здравје претходно даде насоки за подготовка до граѓаните, здравствените лица и угостителските објекти во контекст на тековното исклучување на вода, денеска преку соопштение дава препораки за граѓаните откако ќе биде пуштена водата во водоводната мрежа.

- Имајќи предвид дека е најавен прекин на водоснабдувањето, населението треба да биде запознаено и информирано дека ризиците по здравјето на населението може да се јават не само за време на недостатокот на вода туку, дури и да се зголемат после пуштањето на водата за пиење во водоводната мрежа односно по отстранување на дефектот, стои во соопштението на ИЈЗ.

Оттаму, како превентивни јавно-здравствени мерки и мерки на внимателност Институтот за јавно здравје препорачува:

- Граѓаните да не ја пијат веднаш водата по нејзиното пуштање во водоводната мрежа зашто контактното време на резидуалниот хлор и водата во мрежата (време потребно резидуалниот хлор да почне да делува врз микробиомот присутен во водата), во услови на пониски амбиентни температури може да потрае и до 1 час;

- Може да се очекува водата за пиење по пуштањето во водоводната мрежа да ја промени бојата, добие невообичаен мирис, да има видлива заматеност или евентуално страни тела (ситни зрнца песок или инсект и сл.). Во таков случај, повторно се препорачува истата да не се пие сè до момент на стабилизација на тие органолептички својства (боја, мирис, вкус, заматеност);

- Непосредно после доаѓањето на водата во водоводните цевки во домовите, потребно е да се испуштат СИТЕ чешми во домот да истечат неколку минути, па да се провери дали органолептичките својства се во ред, па дури потоа да се пие;

- По добро истекување на водата, потребно е почесто и добро да се исчистат мрежичките на чешмите (во средство за чистење бања или бел оцет); - Како дополнителна мерка на внимателност се препорачува, доколку граѓаните сепак одлучат веднаш да ја пијат водата, истата да се преврие многу кратко (1 -2 минути), потоа да се разлади и консумира;

- Граѓаните треба да имаат предвид дека превриената вода го губи благопријатниот вкус. Истиот може да се подобри доколку водата се претура од една во друга чаша неколку пати, со цел да врзе повеќе кислород од воздухот (процес наречен аерација);

- Најдобро е во текот на првите часови после пуштањето на водата во водоводната мрежа, граѓаните сè уште да консумираат пакувана вода, сè до добивањето на известување од јавното претпријатие дека водата е исправна и безбедна за консумација;

- Во однос на водата за капење, препорачуваме после доаѓањето на водата во водоводната мрежа, задолжително да се зголеми температурата на водата во бојлерите (во кујна, бања и сл.), со цел дополнително превентивно термичко уништување на бактериите доколку потенцијално навлегле во водоводната мрежата;

- Најдобро е температурата на топлата вода во чешмите да биде над 55 0С, сепак потребна е мерка на внимателност да не дојде до изгореници особено кај мали деца или повозрасни лица. НАЈВАЖНО од сè е да се почитуваат препораките објавени од Институтот за јавно здравје и другите релевантни институции вклучени во процесот, објавени на нивните веб страни или преку другите средства и платформи за информирање. нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан