• понеделник, 04 март 2024

Победата на Партија на слободата на изборите во Холандија, можност за Тимерманс да биде нов премиер

Победата на Партија на слободата на изборите во Холандија, можност за Тимерманс да биде нов премиер

Брисел, 23 ноември 2023 (МИА) - Националистичката и десно популистичка Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс, според резултатите од излезните анкети од вчерашните предвремени парламентарни избори во Холандија, ќе биде убедливо најбројна политичка партија во новиот состав на холандскиот Парламент, но тоа од друга страна би можело да го трасира патот за лидерот на втората по големина политичка сила, левоцентристичкиот блок на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ), Франс Тимерманс кон функцијата премиер. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, според излезната анкета спроведена од ИПСОС по нарачка на РТЛ и холандската државна телевизија НОС, ПВВ ќе има 35 пратеници во новиот 150-член состав на Долниот дом на холандскиот Парламент или двојно повеќе од досегашните 17 пратенички места, пред блокот на лабуристите и зелените на поранешниот еврокомесар Тимерманс со 25 мандати или осум повеќе од досега. 

Конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на досегашниот премиер Марк Руте, која сега ја предводи Дилан Јешилѓоз-Зегериус, е на третото место со 24 пратенички места или 10 помалку во споредба со нивниот досегашен број, пред новоформираниот десничарски Нов социјален договор (НСЦ) на Питер Омцигт со освоени 20 мандати. 

Во синоќешниот настап пред членовите и симпатизерите на ПВВ во Шевенинген по објавувањето на првичните изборни резултати, Вилдерс изјави дека победата на изборите на партијата и носи и „огромна одговорност“, како и дека другите партии сега не може повеќе да ја игнорираат откако освои 35 пратенички места. 

- Гласачите порачаа: Доста ни е. Ќе се погрижиме Холанѓанецот повторно да биде на прво место. Холанѓанецот, исто така, има надеж дека ќе си ја поврати својата земја, истакна Вилдерс.  

Според Вилдерс, ПВВ ќе се погрижи за враќање на Холандија на Холанѓаните и за ограничување на миграцијата.  

- Ние ќе се погрижиме луѓето да добијат повеќе пари во паричниците. Повторно да има ред и безбедноста. Би сакал да им се заблагодарам на сите во Холандија за нивните поддршка, истакна Вилдерс.  

Тој исто така се обрати и до останатите партии порачувајќи име дека „мора да бараат договор“ и „да работат заедно“.   

Националистичката и десно популистичка Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс ќе биде убедливо најбројна политичка партија во новиот состав на холандскиот Парламент, покажуваат резултатит

- Од оваа одлична позиција, ПВВ сака да соработува со другите партии. Мора да излеземе со решенија, во рамките на Уставот, порача Вилдерс.  

Во првиот синоќешен настап Тимерманс, пак, порача дека сите се добредојдени во Холандија и повика на единство. 

- Ми требате сите. Држете се заедно, не дозволуваме никој да си оди од Холандија. Ако во соседството, на училиште или на работа среќавате луѓе кои размислуваат дали се уште припаѓаат овде, многу јасно кажете им – да, изјави Тимерманс. 

Тој додаде дека во Холандија сите се еднакви, без разлика каде се родени или од каде се нивните родители или баби и дедовци. 

- Вие припаѓате тука. Исто така, им порачувам на луѓето кои моментно живеат некаде каде што има војна: Секогаш сте добредојдени кај нас ако бегате од војна. Тоа никогаш нема да се промени, рече Тимерманс. 

Тој нагласи дека неговата коалиција ќе продолжи да работи „со сите други демократи“, но никогаш нема да коалицира со ПВВ на Вилдерс. 

- Владеењето на правото за нас е свето. И да, јас сум, исто така, разочаран од резултатот. Исто така и од нашиот резултат. Се надевав на многу повеќе, додаде Тимерманс. 

Лидерката на ВВД, Јешилѓоз-Зегериус изјави дека изборните резултатите се разочарувачки за нејзината партија, упатувајќи им честитки на Вилдерс, Тимерманс, Омцигт и „на другите победници“. 

- Луѓето не беа доволно слушани. Лидерството сега не е наше, но јас сум горда на партијата. Од денеска ќе продолжиме да градиме. Ова е ново поглавје за нас. Сега само што почнуваме. Ќе имаме експлозија. Со лекциите што ги научивме, со лекциите со кои се соочуваме денеска, додаде Јешилѓоз-Зегериус. 

Во однос на можноста Вилдерс да ја формира новата влада, Јешилѓоз-Зегериус изјави дека треба да се види дали тој ќе успее да обезбеди мнозинство, но отфрли сопствена одговорност за успехот на ВВД поради нејзината изјава со која не ја исклучи можноста за соработка со партијата, под услов нејзиниот лидер да не биде премиер.  

- ВВД не придонесе за одличниот резултат ПВВ. Луѓето имаат легитимни грижи и ако ги игнорирате политички, добивате ваков резултат, изјави Јешилѓоз-Зегериус.  

Од друга страна, Омцигт изрази задоволство од изборните резултати на неговата НСЦ.  

- Ова е одличен момент. Ова покажува дека постои огромна доверба. Тоа ни дава голема одговорност, рече Омцигт во првото обраќање по објавувањето на изборните резултати. 

Во одговор на новинарско прашање дали останува на ставот искажан во изборната кампања дека нема да соработува со Вилдерс, Омцигт не даде дециден одговор. 

- Нема да кажам ништо за тоа сега. Ова е политички многу комплициран резултат. Тешка загатка, изјави Омцигт. 

По овие партии од „големата четворка“ на петтото место се најде социјал-либералната партија Демократи 66 (Д66) со 10 мандати или 14 помалку од досега, пред десно популистичкото земјоделско Движење земјоделци-граѓани (БББ) со седум пратеници или шест повеќе.  

По извештаите дека претставници на ЦИА разговарале за убиство на основачот на Викиликс, Џулјан Асанж, генералниот известувач на Парламентарното собрание за заштита на укажувачите, Питер Омциг

По пет пратеници ќе имаат десноцентристичкиот Христијански демократски повик (ЦДА), 10 помалку од досега, и левичарската Социјалистичка партија (СП), четири помалку од досега, а еколошката Партија за правата на животните (ПВДД) ќе има четири пратенички места или две помалку.  

По три мандати освоија демохристијанската конзервативна Христијанска унија (ЦУ), партијата што ги застапува интересите на Холанѓаните со турско, блискоисточно и северноафриканско потекло Денк, екстремно десничарскиот и евроскептичен Форум за демократија и протестантската конзервативна Реформирана политичка партија (СГТ). Прогресивната проевропска партија Волт освои два пратеника, а антиимигрантската десничарска партија Точен одговор 2021 (ЈА21) и центристичката партија на пензионерите 50 Плус (50+) по еден мандат. 

Тимерманс и Омцигт во текот на кампањата порачуваа дека нема да прифатат владина коалиција со ПВВ по изборите, додека Јешилѓоз-Зегериус не ја исклучи можноста за таква соработка, но не и со Вилдерс како иден премиер. Доколку останат на ваквите ставови, тоа би можело да резултира со формирање на голема коалиција на партиите лево и десно од центарот, која би ги вклучувала блокот ПВДА-ГЛ, ВВД, НСЦ, Д66, ЦДА, како и некоја од помалите умерени партии и би имала над 85 пратеници. Таквата коалициска влада најверојатно би ја предводел Тимерманс, како лидер на најбројната политичка сила во неа. 

Во текот на кампањата, Омцигт предлагаше формирање владина коалиција на партиите „десно од центарот“, која би ги вклучувала неговата НСЦ, ВВД, БББ, ЦДА, ЦУ, СГП и ЈА21, но не и ПВВ. Но, таквата коалиција сега е малку веројатна, бидејќи би имала 63 пратеници или 13 помалку од потребните 76 за парламентарно мнозинство.  

Крајниот рок за објавување на конечните резултати од изборите е 1 декември. сп/

Фото: Икс/МИА Архива

Остани поврзан