Пет деца во САД загинаа во пожар додека нивниот татко бил на божиќен пазар
- Пет деца во САД загинаа во пожар во двокатна зграда, кој избувнал додека нивниот татко бил на божиќен шопинг, пишува Скај Њуз. Трагедијата во која животот го загубија едно девојче и четири момчиња се случи во саботата во Булхед Сити, во Аризона.
Булхед Сити, 20 декември 2023 (МИА) - Пет деца во САД загинаа во пожар во двокатна зграда, кој избувнал додека нивниот татко бил на божиќен шопинг, пишува Скај Њуз. Трагедијата во која животот го загубија едно девојче и четири момчиња се случи во саботата во Булхед Сити, во Аризона.
Децата на возраст од две, четири, пет и 13 години кои загинаа се браќа и сестри, додека 11-годишното момче е нивен роднина кој дошол на гости. Таткото на четирите деца им рекол на инспекторите дека ги оставил во домот околу два и пол часа додека одел на шопинг за храна и божиќни подароци, соопшти полицијата на градот Булхед.
Според полицијата, во тој момент во домот немало други возрасни лица.
Истражителите сметаат дека пожарот избувнал на приземјето и се проширил низ единствените скали во внатрешноста на куќата, поради што децата не можеле да излезат. Неколку соседи поставиле продолжени скали до спалната соба на горниот кат, но не успеале да ги извлечат децата.
Полицијата соопшти дека телата на петте деца биле во иста спална соба на катот од куќата. Шефот на полицијата на Булхед, Роберт Требес, рече дека „инспекторите неуморно работат за да добијат одговори за причините за пожарот“.
Инаку, децата се внуци на вработен во противпожарната служба на градот Булхед. паг/
Фото: МИА архива