• среда, 04 февруари 2026

Мицкоски: 25 милиони евра за зелена и конкурентна иднина на македонските компании

Мицкоски: 25 милиони евра за зелена и конкурентна иднина на македонските компании

Скопје, 4 февруари 2026 (МИА) - Денес, испраќаме силна и јасна порака - дека одиме напред кон одржлива, модерна и конкурентна економија што расте одговорно, со грижа за животната средина и со јасна европска визија, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на настанот по повод почетокот на проектот „Грантова шема за поддршка на претпријатијата за зелено работење“.

Проектот ќе се спроведува во периодот 2026 - 2030 година и предвидува 25 милиони евра за зелена трансформација на микро, малите и средните претпријатија. Се очекува со него да бидат опфатени 300 компании.

Како што истакна Мицкоски, овие 25 милиони евра не се само бројка во буџетот, туку директна инвестиција во македонските фирми, во нивната конкурентност, во европската иднина и во економијата што државата ја гради за генерациите кои допрва доаѓаат.

- Со финансиска поддршка од ЕУ и средства обезбедени од Владата почнува значаен проект за поддршка на претпријатијата во процесот на зелена трансформација. Овој проект не е само финансиска интервенција, туку стратешка инвестиција во иднината на македонската економија. Преку него ќе се поддржат инвестиции што значат помалку отпад и загадување, поголемо користење обновлви иизвори на енегрија, намалување на јаглеродниот отпечаток, поефикасно користење на природните ресурси и воведување меѓународни еколошки стандарди, кои се предуслов за излез на глобалните пазари. Во наредните четири години ќе бидат поддржани над 300 компании, а преку механизми за кофинансирање ќе се активираат и дополнителни приватни инвестиции. Речиси 200 компании ќе добијат поддршка за подготовка и имплементација на меѓународни стандари за заштита на животната средина и одржливо работење, што е директна пропусница за учество во европските и глобалните ланци на доставувачи - истакна премиерот.

Целта на проектот, додаде, е да ја поддржи државата во исполнување на целите за климатска неутралност утврдени во зелената агенда за Западен Балкан преку јакнење на приватниот сектор и поттикнување одговорни и одржливи деловни пркатики.

- Оваа Влада инвестира онаму каде што економскиот и општествениот ефект е најголем. Зелената трансформација не е трошок, туку инвестиција во посилна економија, поздрава животна средина и повиок квалитет на живот на граѓаните. Владата останува силен партнер на бизнис-заедницата и двигател на европската иднина на државата. Заедно градиме одржлива, конкурентна и еврпска економија, заедно градиме иднина што останува - потенцира Мицкоски.

На настанот „Научнотехнолошки развој и претприемаштво“ се обрати и директорката на ИНОВА, Даниела Димовска, која нагласи дека денес почнува важна трансформација на македонската економија.

Димовска информира дека грантовата шема ќе изнесува вкупно 22 милиона евра, а компаниите, во зависност од инструментот, ќе треба да учествуваат со 20-50 отсто сопствено финансирање. Првите повици ќе бидат објавени во средината на 2026 година, а ќе се реализира и инфо-карван во соработка со општините, стопанските комори, регионалните центри и секторските здруженија за поддршката да стигне до компаниите. Во зависност од големината и потребите на фирмите, ќе се применуваат повеќе финансиски инструменти - преку јавни повици компаниите ќе може да аплицираат за техничка и советодавна поддршка, за стандардизација и за финансиска поддршка за набавка на опрема, технологии и развој на нови производи.

Од 25-те милиони евра, колку што е вредноста на проектот, 18 милиони се поддршка од ЕУ, а седум милиони евра се буџетски средства. мч/вг/

фото: принт скрин 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан