Албанскиот премиер Еди Рама во посета на Ватикан
- Албанска делегација предводена од премиерот Еди Рама, придружуван од неговата сопруга Линда Рама, на покана на папата Лав Четиринаесетти, ќе престојува во официјална посета на Ватикан.
Тирана, 4 февруари 2026 (МИА) - Албанска делегација предводена од премиерот Еди Рама, придружуван од неговата сопруга Линда Рама, на покана на папата Лав Четиринаесетти, ќе престојува во официјална посета на Ватикан.
Според агендата објавена од владината агенцијата за медиуми и информации, Рама ќе ја посети Апостолската палата на Ватикан, каде што ќе биде пречекан во дворот „Сан Дамасо“ од префектот на папското домаќинство и господата на Неговата Светост.
Приемот ќе претходи на аудиенцијата што премиерот Рама ќе ја има со папата Лав Четиринаесетти во Папската библиотека на Апостолската палата. Потоа посетата ќе продолжи во базиликата „Свети Петар“, во „Станца деле Лакрим“, „Капела Паолина“, „Сала Реџиа“, „Систина“ и олтарот на Свети Јован Павле Втори.
На крајот од престојот во Ватикан, премиерот Рама и неговата сопруга ќе го посетат вечното почивалиште на папата Франциск во базиликата „Санта Марија Маџоре“.
Дел од оваа посета ќе бидат и неколку други средби, вклучувајќи ја и средбата со кардиналот Пјетро Паролини, државен секретар на Ватикан. вт/рп/
Фото: МИА архива