• недела, 22 декември 2024

Пендаровски: Ќе го победиме Мицкоски во првиот круг, да си набави џи-пи-ес за Силјановска Давкова 

Пендаровски: Ќе го победиме Мицкоски во првиот круг, да си набави џи-пи-ес за Силјановска Давкова 

Кавадарци, 10 април 2024 (МИА) -  Ќе го победиме Мицкоски во првиот круг, ќе нема потреба од втор круг, порача вечерва на митинг во Кавадарци претседателскиот кандидат Стево Пендаровски поддржан од Коалицијата предводена од СДСМ.

Тој му порача на претседателот на ВМРО - ДПМНЕ, како што рече, да набави џи-пи-ес за кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова.  

- Кандидатката на Мицкоски за претседател, не си ја знае земјата. Да не ве враќам на сцени од пред пет години, изјави Пендаровски, алудирајќи на настанот од претходните избори, кога таа го згреши името на градот, обраќајќи се пред присутни граѓани на Тиквешијата, во рамки на тогашната изборна кампања. 

Пендаровски  одговараше на прашања од присутните на митингот и ги искоментира обвинувањата од Мицкоски, дека не си ја знаел земјата. 

Точно 80 илјади километри поминав во изминатите пет години со моите соработници. Не постои ниту една општина, ниту едно населено место каде не сум бил. А во мојот кабинет, отворен за секого, 4 500 луѓе влегоа. Кабинетот не смее да биде изолиран само за елита, одговори тој.

На прашање, околу шпекулации од страна на опозицијата по социјалните мрежи, дека ќе го бојкотира вториот круг, Пендаровски рече дека ваквите шпекулации биле откако Мицкоски и ВМРО - ДПМНЕ виделе колку граѓаните се присутни на настаните што ги организира СДСМ, во рамките на кампањата. 

- Им стана јасно дека атмосферата полека се менува, особено во однос на оние фалсификувани анкети што ги прави државната телевизија што ја третираат како приватна, партиска. Во неколку разговори со високи дипломатски претставници во Скопје, тој самиот го најавува тој бојкот. Го нарекува тивок бојкот, велејќи, битно е да видиме што ќе правиме на парламентарните избори, а за претседател може и да пропаднат. Затоа што му е јасно, дека таму работата е завршена уште пред осми мај, подвлече Пендаровски. 

Тој  се осврна на постигнатите резултати во изминатиот период и приоритетите за во иднина. 

- За разлика од претходниот режим, дури и активни функционери од нашата политичка структура, кои се соочија со лицето на правдата и се денес во притвор или затвор. Мора да се направи комплетна темелна промена на реалните кочничари, за тоа секој да си го добие заслуженото, ако го кршел законот. Тоа се дел од судиите и обвинителите кои под влијание на некои центри на политичка и особено на економска моќ, не судеа по устав и закон и по меѓународни договори. Туку, судеа селективно. Затоа многу криминалци, за кои знаеме дека заслужуваат да бидат зад решетки, не се таму, затоа што ги корумпираат тие судии и обвинители, рече тој. 

Затоа,нагласи, оваа политичка структура од која е самиот дел, предлага комплетен темелен ветинг и проверка на имотот на сите судии и обвинители и да се види кој од нив има несразмерно зголемен имот. 

Ама, порача, ќе се почне од политичарите. 

- Гарантирам дека нивната кандидатка за претседател, таков ветинг нема да помине. Затоа што во раните деведесетти го кршеа ембаргото што го наметнаа Обединетите нации против тогашна Југославија и имаат несразмерно зголемен имот, подвлече Пендаровски. 

Тој рече дека никогаш немал обид да крши закон. Целиот живот работел само за плата а не за проценти, а така ќе било и во наредните пет години.  Овие избори, потенцираше, се многу важни, затоа што, како што рече, ако евентуално победат тие што продаваат политичка магла, ќе ја вратат државата со години назад, изолирана и со просперитет само на членовите на фамилијата на власт и членовите на нивната политичка партија од повисоките ешалони.

Пендаровски рече дека најголемата опозициска партија со блокадата на уставните измени ја изолирала државата, а доколку граѓаните ја поддржат актуелната политичка гарнитура гарантира полноправно членство во ЕУ, како што реле, многу пред крајот на оваа декада.

- Бевме на прагот  после успешно завршениот скрининг процес да ги завршиме преговорите за не повеќе од 4,5 години но за жал се соочивме со еден надворешен непројател и со еден внатрешен опонент. Нашиот источен сосед покажа комплетно неевропско однесување и не закочи со чиста блокада, меѓутоа најголемата опозициска партија во Македонија од за мене непознати причини, веројатно за да се добере до власт час поскоро ги блокираше уставните промени и практично не самоизолираше по не знам кој пат.  Меѓутоа, ако на 24 април  и на 8 мај оваа политичка структура ја добие вашата доверба јас ви гарантираме дека ние многу пред крајот на оваа декада ќе станеме полноправни членки на Европската унија и со тоа економскиот  развој на Македонија ќе оди многу побрзо отколку досега, рече Пендаровски. 

Неговиот изборен караван претходно беше во Демир Капија, Градско, Росоман и Неготино.свд/лв/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан