• недела, 22 декември 2024

Пендаровски на средби во Кривогаштани и Крушево: Ќе продолжам да бидам претседател на сите

Пендаровски на средби во Кривогаштани и Крушево: Ќе продолжам да бидам претседател на сите

Скопје, 4 април 2024 (МИА) - Кандидатот за претседател на Коалицијата предводена од СДСМ Стево Пендаровски во првиот ден од кампањата се сретна со жители на општините Кривогаштани и Крушево,  каде упати пораки дека покажал дека е претседател на сите и оти така планира и да продолжи.

-На средбата во Кривогаштани, Пендаровски посочи дека во последните пет години државата оди напред и дека мора така да продолжи и во следниот период, затоа што само така ќе успееме како држава да ги задржиме младите дома, пренесува медиа тимот на претседателскиот кандидат. 

Пендаровски рече дека во изминатиот период по ниедна основа ги нема делено граѓаните и дека така ќе продолжи и во иднина.

-Никогаш не сум ги делел луѓето на наши и ваши, сите сте мои сограѓани. Во првиот мандат бев претседател за сите и на сите граѓани. Во вториот мандат ќе бидам повторно претседател кој не дели, туку обединува, порача Пендаровски.

Упати порачи и пред крушевчани, истакнувајќи дека во последните пет години се исполнува аманетот од Крушевскиот манифест заеднички да ја градиме државата како модерна и европска.

-Крушево е столбот на државата, коренот на државата. Овде е направена Крушевската Република, оттука тргнува идејата за заедништво. Крушевскиот манифест ден денеска е модел по кој сите ние се носиме и немаме намера да менуваме, освен неколкумина од опозицијата“, порача Пендаровски додавајќи дека „во главната опозициска партија нема никаква промена, дека таму се уште се истите ликови, истата матрица“.

Пендаровски, првиот ден од кампањата го заокружува со централен настан во Прилеп.лв/

фото: Медиа тим Претседател за сите 

Остани поврзан