• петок, 26 април 2024

Пендаровски на средба со учесниците во програмата за регионална мобилност на млади истражувачи и активисти

Пендаровски на средба со учесниците во програмата за регионална мобилност на млади истражувачи и активисти

Скопје, 27 март 2024 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска се сретна со учесници од Програмата за истражување на младински и образовни политики во Младински образовен форум (МОФ).

Како што информира Кабинетот на претседателот, младите од Албанија, Србија и од Северна Македонија говореле за активностите и областите во кои ги насочуваат нивните капацитети во рамки на програмата за регионална мобилност на млади истражувачи и активисти, што Младинскиот образовен форум ја организира во партнерство со Центарот за наука и иновации за развој од Албанија и Младинската иницијатива за човекови права од Србија.

Соговорниците го информирале претседателот и за начинот на реализирање на програмата што се одвива во трите држави и опфаќа пет различни теми: регионална соработка, младинско учество, одлив на мозоци и образование, младинска невработеност и младинска акција кон двојната транзиција: дигитална и зелена.

Во контекст на потребата од креирање одржливи младински политики, претседателот Пендаровски го нагласил придонесот на младите со своето критичко размислување, како еден од клучните предуслови за демократизација и позитивни процеси во секое општество.

Посетителите имале можност да се запознаат и со начинот на функционирање на институцијата, претседателските активности и уставните надлежности. Тие ги разгледале и просториите во коишто се одвиваат работните и официјалните средби на претседателот, прес-конференциите, настаните и свеченостите, како и диптихот „Македонија – светла земја“ и „Македонија – земјата памети“ дело на Глигор Чемерски. мд/бак/

Фото: Кабинет на претседателот Пендаровски 

 

Остани поврзан