• вторник, 14 мај 2024

Панел: Институционалната соработка клучна за обезбедување на фер и демократски изборен процес

Панел: Институционалната соработка клучна за обезбедување на фер и демократски изборен процес

Скопје, 27 март 2024 (МИА) – Принуда, сајбер напади, несоодветна инфраструктура, логистички пречки, кампања за дезинформација, секој од овие ризици претставува закана за кредибилитетот на изборните процеси, а во соочувањето со овие ризици Државната изборна комисија (ДИК) не може да работи изолирано, од суштинско значење е заедничкиот пристап и соработка на сите засеганти страни вклучени во изборниот процес, вели претседателот на ДИК Александар Даштевски.

Даштевски на денешната панел дискусија насловена „Засилување на соработката помеѓу институциите за проценка на изборните ризици“, рече дека посочените ризици изискуваат осмислување на сеопфатни стратегии за полесно справување.

-Веќе интензивно соработуваме со МВР и сите дејствија се на високо ниво, исто така донесовме правилник за полицијата во изборниот процес. Понатаму агенциите за сајбер безбедност во ера на дигитализација се важни, како и во заштитата на изборната инфраструктура во време на сајбер закани е најважна. Соработката со властите за сајбер безбедноста помага во опасностите по изборните системи, обезбедување на база на податоци за гласачите и ублажување на ризикот од крахирање или манипулација со електронските системи и бази на податоци. Меѓутоа, Изборниот законик упатува на соработка и со други министерства. Тука важни се и граѓанските организации кои играат клучна улога во промовирање на транспрентноста. Соработката со организациите ги подобрува напорите за информирање и ги зајакнува механизмите за следење на изборните нерегуларности. Исто така, многу е важна соработката со медиумите, ние овој циклус на избори направивме договор за соработка со МИА каде обезбедивме обука за новинарите, посочи тој.

Додаде дека прилично доцна биле донесени измение на Изборниот законик.

-Ние уште во септември направивме проценка дека може да постои ризик во донесувањето, односно изготвувањето на личните документи што се основ за гласање. Од аспект на финансискиот дел сметам дека нема повторно да биде како минатиот пат, бидејќи, имавме време од 2021 година да се донесе и нов законик и многу повеќе измени, рече Даштевски.

На настанот кој имаше за цел зајакнување на соработката помеѓу различните институции во процесот на проценка на изборните ризици пред претстојните избори, како и информирање на граѓаните и јавноста за значењето и улогата на соработката помеѓу институциите во изборниот процес, присустуваа и други претставници на институции вклучени во изборниот процес.

Панче Тошковски министер за внатрешни работи на техничката влада во своето обраќање истакна дека во насока на обезбедување на фер и демократски избори во Министерството за внатрешни работи интензивно се работело на обуки на полициските службеници и инклузивност во пристапот. Информира дека со поддршка на ОБСЕ и ОДИХР бил изработен прирачник за постапување на полициските службеници.         

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски пак ја потенцира улогата и важноста на јавното обвинителство во спречувањето на можни ризици во изборниот период.

-Слободните избори и владеење на правото се основните сегменти во една држава овие два принципа се нераскинливо поврзани и се клучни за почитувањето на сите човекови права, одговорноста да ги штитиме овие принципи е огромна за сите институции кои се дел од оваа дебата. Со текот на годините во текот на изборниот процес може да се случат многу дела на притисоци, злоупотреби, насилства, заплашувања кои можат да влијаат врз текот на изборите, од тие причини веќе неколку изборни и гласачки циклуси наназад будноста на Јавното обвинителство е зголемена, токму за да ги детектира ваквите можни загрозувања на слободно изразување на граѓанската волја, истакна Коцевски.

Информира дека во ЈО веќе е формирана комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности, нарушувања, но и можни незаконитости кои би го нарушиле демократскиот процес.

-Комисијата на дневна основа ги следи и сите објави на печатените и електронските медиуми поврзани со изборите и има можност да иницира и постапки по допрен глас. На денот на изборите во обвинителствата низ цела држава се организираат вонредни дежурства и комисијата е во постојана комумникација со останатите органи кои се грижат за регуларноста на изборниот процес, појасни Коцевски.

Во однос на динамиката рече дека сите предмети оформени во врска со евентуални изборни нарушувања и незаконитости добиваат приоритет на постапувањето.

Заменик министерот во МИОА, Стефан Андоновски алармира на масовен предизборен поткуп со како што рече илјадници вработувања.

-Имаме 2 700 нови вработувања. Стотици институции на два месеци пред избори, одеднаш увидоа потреба, да распишат огласи за нови вработувања кои претставуваат 2 проценти од јавниот сектор. Бројот на огласи расте за над 60 проценти во споредба со годините кога нема избори. Обемот на работа делумно се намалува во предизборниот период и логично би било институциите да распишуваат огласи по избори, а не пред нив. Но одамна никој не бара логика во чекорите на владата, истакна Андоновски.

Во својот говор, тој напомена дека за дел од оние кандидати за вработување, чии постапки не се завршени, има неофицијални информации дека дел од нив трпеле притисоци за организирање лица за гласање на изборите. 

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Татјана Димитровска потенцира дека со последните измени на кривичниот законик не се решило значајно прашање кое се однесува на интернет медиумите, односно на рекламирањето на учесниците во изборната кампања во електронските портали, кои како што информира таа опфаќале големо учество во државнииот буџет.

-Во изборната кампања електронските портали, медиуми, опфаќаат значително учество во парите од државниот буџет, 25 проценти од буџетот на државата, или два и пол милиони евра се трансферираат на електронските медиуми, кои како инструмент за рекламирање не се уредени со ниту еден закон и не се контролира нивното рекламирање, децидна беше Димитровска.

Соопшти дека во ДКСК започнати биле активности за следење на службени возила.

-Ги започнавме активностите со следење на користење на службените возила, но и во овој дел сме оневозможени да постапуваме, воспоставиме соработка и одржавме работна средба со министерот Тошевски и на наше барање овозможивме податоци за 1 500 државни интитуции кои имаат обврска од денот на распишување на изборите до ДКСК да достават податоци за служебните воизла со кои располагаат и од податоците кои ги добивме за 1 500 институции кои рапсолагаат со околу 20 000 служени возила до ДКСК се доставени податоци само од 300 институции што е значително мала бројка, оцени Димитровска.

Информира дека од денот на распишување на изборите во ДКСК биле пристигнати околу 20 преставки поврзани со непостапувања.

-Согласно утврдените забрани во Изборниот законик оформивме предмети, до институциите доставивме барања за сите потребни документи, по добиените потребни податоци, ќе преземеме понатамошни мерки за постапување. Исто така, континуирано одговараме на сите прашања на новинарите и максимално сме транспарентни, изјави таа.

Додаде дека Комисијата има значајна улога и во мониторингот на финансирањето на изборната кампања.

-Имаме надлежност да ги следиме и анализираме финансиските трансакции и финансирањето на изборната кампања со цел да откриеме какви нерегуларности постојат. За реализација на оваа активност овозможен ни е законски електронски пристап до сметките на сите учесници во кампањата и ќе пристапиме кон анализа, истакна Димитровска.

Државна ревизорка Марјана Бошковска Тасевска рече дека во насока на зголемување на транспарентноста во Државниот завод за ревизија имаат воспоставено пракса со која пред истекнување на рокот за составување на финансиски извештаи јавно на својата веб страна институциите да објават известување во кој рок и на каков образец треба учесниците да ги исполнат законските обврски, со овој начин на постапување според неа се покренала свеста на сите учесници во изборната кампања.

Настанот се одржа во организација на Институт Охрид. свс/ац/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан