• понеделник, 20 мај 2024

Панел дискусија за млади во Општина Илинден

Панел дискусија за млади во Општина Илинден

Скопје, 13 март 2024 (МИА) - На тема „Гласот на младите - подобра иднина“, а во организација на Локалниот младински совет од Општина Илинден се одржа панел дискусија во просториите на Дом на култура „Илинден“.

- Целта на оваа панел дискусија е да се истакне колку е важна вклученоста на младите во носење на одлуки, како и вклученоста на младите во младинските проекти на локално и централно ниво, информираат од Општина Илинден.

На панел дискусијата учествуваа пратеничката Марија Петрушевска, советничката во Советот на Општина ИлинденДрагана Бојковска и претседателот на Локалниот младински совет Драган Ѓуровски. Меѓу големиот број млади присутни на настанот беа  и претставници од фондацијата Westminster и од ОДАС – Организација за дијалог и афирмација на средношколците.

Градоначалникот на општина Илинден Александар Георгиевски истакнал дека локалната самоуправа посветува големо внимание на проекти кои го подобруваат квалитетот на  живот на сите млади во општина Илинден.

- Меѓу проектите кои досега се реализирани се отворената канцеларија за млади, спортските терени, вложувањето во опремувањето на основните и средното училиште и уште многу други,информира Георгиевски. Најавил и реализација на идни проекти за млади кои произлегоа од барања и приоритети на младите од општина Илинден.

Пратеничката Марија Петрушевска истакнала дека особено во Клубот на млади пратеници во Собранието, особен акцент се става на партиципацијата на младите на директен или индиректен начин во носењето на законските решенија во парламентарниот дом.

Советничката Драгана Бојковска во своето обраќање ги повикала младите да бидат гласни во своите барања и да учествуваат во носење на проекти и предлози од аспект на младински политики и да бидат носители на промените што сакаат да ги видат во општеството.

Претседателот на Локалниот младински совет Драган Ѓуровски ги охрабрил  сите оние  кои сакаат да се приклучат на активностите на Локалниот младински совет се со  цел барањата на младите да бидат поблиски до оние кои ги реализираат проектите. ад/мд/

Фото: Општина Илинден

Остани поврзан