• сабота, 27 јули 2024

Панел-дискусија: Тезата дека нема потреба од брзање за влез во ЕУ е погрешна и многу опасна за Северна Македонија

Панел-дискусија: Тезата дека нема потреба од брзање за влез во ЕУ е погрешна и многу опасна за Северна Македонија

Скопје, 18 декември 2023 (МИА) - Геополитичките поместувања во Европа ја подотворија вратата за проширување и тоа е шанса што Северна Македонија треба да ја искористи, но нема да трае предолго. Тезата дека нема потреба од брзање, е погрешна, нереална и многу опасна за нас. Знаеме како изгледа чекање и дека 17 години чекање не донесе ништо подобро, затоа пратениците имаат обврска да донесат одлука за иднината на граѓаните. Заклучокот на Европскиот совет е јасен. Северна Македонија успешно го заврши процесот на скрининг и останува да ја заврши својата обврска за изгласување на уставните амандмани. 

Ова беше порачано на панел-дискусијата „Геополитичко проширување на ЕУ: Нови можности, стари ризици?“, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт - канцеларија Скопје и ПолитикУм - Институт за одржливи и иновативни политики. 

Премиерот Димитар Ковачевски, во своето обраќање рече дека во насловот на панелот може да се додаде и дека не е само стар ризик, туку ист ризик, од исти луѓе, и дека тоа е одговорот и од последниот Самит Западен Балкан-ЕУ. 

- Ќе ви одговорам многу едноставно. Делот за Северна Македонија траеше многу кратко. Ние никогаш не сме имале појасен заклучок на Европскиот совет од сега. Заклучокот беше еден параграф, во кој стоеше дека Северна Македонија успешно го заврши процесот на скрининг и останува да ја заврши својата обврска за изгласување на уставните амандмани и без одлагање и дополнителна одлука, Европскиот совет ја закажува втората меѓувладина конференција на која се отвораат сите поглавја, рече Ковачевски. 

Ако минатата година беше тешка година на носење тешки одлуки, во делот на преговарање и прифаќање на францускиот предлог, според Ковачевски, на последниот Самит, спортски кажано, имавме „празен гол и чист пенал“, што како што нагласи, „заради ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Демократски сојуз не го шутиравме“. 

- Тоа е она што се случи. Стар ризик, ист ризик, исти играчи. Мора да бидеме искрени. Се она што сега слушаме е замена на тези. Дали оваа реформа била или не била направена, е замена на тези. Ние имаме заклучок што е еден параграф. Чист и јасен. Амандманите и почнува отворање на поглавјата. Сите поглавја ќе беа отворени наеднаш, изјави Ковачевски. 

Процесот од една и пол година скрининг, според Ковачески покажа дека сме во пар со европските институции и европските земји, и дека не треба да се потценуваме. 

- Проблемот е што некој, заради личен политички профит и лична политичка агенда, сакаше да ја повтори и ја повтори 2008 година. Јас разбирам да кажете дека нешто нема да направите, но да кажете што е алтернатива. Тука нема алтернатива, не постои, изјави Ковачевски. 

Не може, нагласи Ковачевски, постојано да бараме изговори, дали ќе правиме реформи или ќе носиме одлуки. 

- Во 2005 станавме земја кандидат за ЕУ заедно со Хрватска. Проекцијата беше 2012 заедно да влеземе, но 2008 година Северна Македонија реши да се антиквизира и наместо 100 години напред, отидовме 1 200 години назад, ама никој не може да се амнестира од тоа. Тоа беше една хипокризија, нагласи Ковачевски. 

Претседателката на ПолитикУм и потпретседателка на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) Радмила Шекеринска, во воведното излагање порача дека проширувањето на ЕУ се повеќе станува геополитички проект и секое поголемо проширување на ЕУ во историјата било и ќе остане геополитичко, како и дека првиот заклучок на групата за изминатата година, бил дека геополитичките поместувања во Европа ќе ја подотворат вратата за проширување и тоа е шанса што Северна Македонија треба да ја искористи, но и дека оваа врата нема да трае предолго и не е гарант дека ќе биде одржлива на долг рок. 

- Тезата дека нема потреба од брзање, затоа што тоа што треба и онака ќе дојде е погрешна, е нереална и многу опасна за нас, изјави Шекеринска. 

Европската Унија, нагласи Шекеринска, мора одвреме навреме да седнува на нашата билатерална маса со Бугарија, бидејќи кога Северна Македонија преговара со Бугарија, не ја има само Република Бугарија, туку и политичката моќ од членството во ЕУ и нашата желба да станеме членка. 

- Кога веќе ЕУ не успеа да ја избалансира таа асиметричност, со тоа што билатералните прашања ќе ги елиминира од процесот, во тој случај сметаме дека ЕУ мора да седне на маса и да помогне да се најде одржлив и продуктивен процес, изјави Шекеринска.    

Шансата за успех, според Шекеринска, зависи од политичките и експертски лидерства и во регионот и во ЕУ. 

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, порача дека од уште од јуни најавувале дека ќе има отворање на преговорите за Украина и Молдавија во декември и дека ќе има свикување на меѓувладина седница за нас и за Албанија доколку ги соодветните услови. 

-Се случи отворање на преговорите за Украина и Молдавија под тешки услови што можеби беше малку изненадувачки и ЕУ во тој дел го исполни своето ветување. Треба да бидеме задоволни од тоа и да ја поддржиме одлуката зашто значи дека ЕУ е подготвена да разговара за проширување. Ние многу пати сме удриле во ѕид по ова прашање и кога сме биле во право и кога не сме биле. Во 2019 година имавме одлично портфолио но тоа не вроди со отворање на преговорите заради недостаток на геополитички момент. Оваа година имавме чиста ситуација да поентираме. Имавме шанса да одржиме меѓувладина седница минатата недела и да прогласиме дека сме ги отвориле сите поглавја од првиот кластер, рече Маричиќ. 

Тоа, додаде, беше нашето сценарио и план и тоа за што лобиравме година и половина,  но не го добивме тоа само од една причина -  затоа што немаше гласање во Собранието со двотретинско мнозинство за усвојување на уставните амандмани. 

-Нема никаква друга причина и денеска кога  се изненадени сите треба да се потсетат што зборувавме минатата година и за што се боревме. Без разлика на критиките во Европскиот извештај ние ги завршивме сите други обврски и го изведовме скринингот и завршивме се што зависи од институциите, од стручните лица и од бирократијата и да остане само политичката одлука во Собрание. Скринигот го завршивме успешно зашто имавме ентузијазам, а она што го немавме е консензус за членство во ЕУ до 2030 година. Тоа е она што ни треба сега во моментов во Собранието. Тоа треба да им се објасни на пратениците, но и на граѓаните, рече Маричиќ. 

Нагласи дека главната битка во земјава во овој момент е битка за консензус за членство во ЕУ до 2030 година. 

-Наместо да жалиме за пропуштените шанси треба да ги користиме денешните. Планот за раст е подадена рака од Брисел и ЕУ и ние треба да ја зграбиме и на секој нивен позитивен сигнал да вратиме двојно не заради нив, туку заради нас. Денеска сме на шест години да бидеме на прагот на 2030 година. Во просек сите преговори кога имало сериозна заложба од двете страни траеле од четири до пет години. Тоа значи дека е возможно и дека имаме реална можност и реален план да бидеме членка на ЕУ до 2030 година, но ако не го губиме времето. Секој загубен ден скапо не чини и не смееме да дозволиме генерациската битка која е започната во 2005 година да ја претвориме во наш неуспех, рече Маричиќ и додаде дека освен Норвешка нема држава која се зачленила во НАТО да не биде член на ЕУ. 

Посочи дека во 2030 година ќе има церемонија на која, како што кажа, ќе се бираат земји-членки. 

-Не смееме да дозволиме да ни биде криво што не сме на таа бина, туку да се бориме да бидеме на таа бина и да бидеме во новите членки во 2030 година, потенцира Маричиќ.  

Претседателот на Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Северна Македонија, Андреас Шидер во видео обраќање рече дека пратениците во Европскиот парламент ја поддржуваат земјава на патот кон Европската Унија. 

-Ги поддржуваме важните реформи што државата и премиерот Ковачевски ги преземаат, кои се социјални реформи и се занимаваат со животните услови на граѓаните, како и другите правни реформи кои се бараат од соседството. Сакам да Ве поттикнам да продолжите со напорите, а ние европските социјалисти во Европскиот парламент ќе продолжиме да Ве поддржуваме, рече Шидер. 

Претседателот на „ЕЛИАМЕП“, професор на Универзитетот во Атина Лукас Цукалис, посочи дека мора да се укине правото на вето од една држава во процесот на одлучување на Европската Унија, па дури и за процесот на проширување. Во спротивно, како што кажа, ЕУ нема да биде функционална со 35 ченки. 

-Има земји-членки од источниот блок кои декларативно се залагаат за проширување на Унијата, но де факто не сакаат да се откажат од правото на вето, рече Цукалис. 

Настанот се одржува во рамки на проектот „Ревидиран процес на проширување на Европската Унија: нов геополитички контекст, нови можности, исти ризици“. Целта на настанот, како што е најавено, е да се фокусираат одредени прашања, поврзани со последните случувања и ставовите на лидерите и експертите во насока на проширувањето на ЕУ, како и заклучоците од работата на експертската група која во текот на 2023 година ги сумираше ставовите на прогресивните политички гласови, експерти, креатори на мислења и новинари. Модератор, на настанот беше професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Рената Дескоска. вј/аа/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан