• четврток, 11 јули 2024

Отворено кино „Киноверзум” во Кисела Вода

Отворено кино „Киноверзум” во Кисела Вода

Скопје, 16 март 2024 (МИА) - Во Општина Кисела Вода синоќа на истата локација врз темелите на старото кино, во реновираниот Дом на култура „Билјана Беличанец“ беше отворено новото кино „Киноверзум”.

„Киноверзум“ е единствениот македонски ланец на кина, кој започнал како единственото универзитетско кино во земјава и е дел од кампусот на Меѓународен Славјански Универзитет во Свети Николе. „Киноверзум” почна со работа најнапред во Свети Николе, а потоа во Штип и во Велес и во Кисела Вода.

Д-р Јордан Ѓорчев од Меѓународниот Славјански Универзитет за време на отворањето на киното во Кисела Вода истакна дека „Киноверзум” е единствен ланец на кина на Балканот кои се домашен производ, односно македoнски бренд и се надева дека овој бренд освен во Македонија ќе се прошири и во регионот.

Првата проекција во киното беше на филмот „Dune: Part Two”.

Актерот Рубенс Муратовски за време на официјалното отворање на киното, во своето обраќање ја назначи важноста на овој проект за културниот живот во општината.

Градоначалникот на Општината Орце Ѓорѓиевски во своето излагање го истакна сентименталното значење на старото кино за повозрасните жители на Кисела Вода и потенцираше дека отворањето на новиот објект е историски миг за сите кои ја сакаат оваа општина.

Тој посочи дека обновениот дом на култура ќе понуди повеќе содржини како концерти, изложби, театарски претстави, литературни читања и библиотека.

-За мене, а верувам и за сите вас тука присутни, ова е историски момент. После 35 години, Кисела Вода повторно добива кино врз темелите на старото кино, култно место од кое секој носи спомени и кое секогаш се појавува во приказните за нечија младост. Денес, заеднички со вас, го започнуваме новото поглавје на овој културен дом. Со нов дух и нова енергија, ги отвораме вратите на она што започна како визија на поранешната, сега за жал покојна градоначалничка Билјана Беличанец. Ова беше нејзиниот сон кој успеавме да го оствариме, рече Ѓорѓиевски.

Тој напомена дека фокусот на неговото делување како градоначалник е овозможувањето на непосреден пристап на граѓаните до културни манифестации, претстави, изложби и настани, кои се организираат во близина на нивниот дом, во нивното соседство.

-Возобновувањето на домот на култура Билјана Беличанец и отворањето на кино во Кисела Вода после 35 години се вистинска илустрација за олеснувањето на патот до културната сцена, но и за создавањето на нови платформи за уметниците каде што ќе можат да го споделат својот уметнички израз. Тие за себе добиваат нова сцена, нов дом каде што ќе можат да ја оживуваат магијата на културата. Покрај кино салата и проекциите на најновите светски достигнувања од филмскиот свет, во домот на културата Билјана Беличанец, ќе можат да се гледаат и театарски претстави, уметнички изложби, концерти, а наскоро тука ќе функционира и библиотека со богат библиотечен фонд, истакна Ѓорѓиевски. бт/аа/

Фото: Општина Кисела Вода

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан