Османи на традиционалната транс-атлантска вечера на покана од Блинкен
- Во фокусот на разговорите, како што соопшти МНР, биле актуелните предизвици со кои се соочува трансатлантската заедница, особено во контекст на последиците од руската воена агресија врз Украина, која го поткопа меѓународниот правен поредок заснован на правила и предизвика зголемена нестабилност во соседството на Алијансата.
Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи, на покана од државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, учествувал на традиционалната трансатлантска вечера во рамки на 78-то Генерално собрание на ОН во Њујорк. На настанот учествувале и министри за надворешни работи на земјите членки на НАТО, како и генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Во фокусот на разговорите, како што соопшти МНР, биле актуелните предизвици со кои се соочува трансатлантската заедница, особено во контекст на последиците од руската воена агресија врз Украина, која го поткопа меѓународниот правен поредок заснован на правила и предизвика зголемена нестабилност во соседството на Алијансата.
Воедно, станало збор и за приоритетите за дејствување во трансатлантските односи и значајните одлуки донесени на Самитот во Вилнус за иднината на НАТО Алијансата.
Во своето обраќање, Османи ја реафирмирал нашата целосна поддршка за Украина и истакнал дека обезбедувањето практична помош, сѐ додека е потребна, останува наш приоритет. Дополнително, нагласил дека нашата безусловна поддршка за украинскиот народ уште еднаш беше потенцирана со усвојување на Заедничката изјава за поддршка на Украина од страна на земјите членки на А5, на вчерашниот состанок што се одржа во рамки на нашето претседавање со САД – Јадранската Повелба.
Османи, како што соопшти МНР, се осврнал и на актуелните состојби во нашиот регион и потребата од интегрирање на земјите од Западен Балкан во евро-атлантските структури како значаен влог во регионалната и европската стабилност. дма/ац/
Фото:МНР