• понеделник, 17 јуни 2024

Орбан: Унгарија ќе се обиде да не биде дел од операциите на НАТО насочени кон поддршка на Украина

Орбан: Унгарија ќе се обиде да не биде дел од операциите на НАТО насочени кон поддршка на Украина

Будимпешта, 24 мај 2024 (МИА) - Унгарија ќе настојува да не учествува во операциите на НАТО чија цел е поддршка на Украина, изјави денеска премиерот Виктор Орбан, навестувајќи дека Алијансата и Европската унија се движат кон подиректен конфликт со Русија.

Орбан изјави за унгарското државно радио дека Будимпешта се противи на планот на НАТО да обезбеди попредвидлива воена поддршка на Украина во наредните години за да се спротивстави на руската инвазија додека подобро вооружените руски трупи воспоставуваат контрола на бојното поле.

„Ние не го одобруваме тоа, ниту сакаме да учествуваме во финансиска или вооружена поддршка (на Украина), дури ни во НАТО. Мораме да ја редефинираме нашата позиција во тој воен сојуз, нашите адвокати и офицери работат на тоа како Унгарија може да биде членка на НАТО, без да учествува во акциите на Алијансата надвор од нејзината територија“, рече Орбан.

Тој ја истакна улогата на НАТО како одбранбен сојуз, велејќи дека не ја дели загриженоста на некои други земји од Централна и Источна Европа дека руската армија нема да запре со нејзината агресија доколку победи во војната против Украина.

„Силата на НАТО не може да се спореди со силата на Украина. Не сметам дека е логично да се каже дека Русија, која не може да се справи со Украина, ќе дојде одеднаш и ќе го проголта целиот западен свет“, рече Орбан.

Унгарија одбива да обезбеди воена помош за соседна Украина, за разлика од повеќето членки на ЕУ. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан