Општински пул
- Општински пул
21 октомври 2025
Куманово - Во организација на Центарот за ромска заедница ДРОМ, Куманово, со поддршка на Општина Куманово, денеска во кружната сала на поранешната зграда на Комитет се одржа првата работилница за изработка на Локална стратегија за млади на Општина Куманово за периодот 2026 – 2030.
Настанот го означи почетокот на инклузивен и мултисекторски процес чија цел е да ги утврди приоритетите и оперативните мерки што ќе ја водат локалната политика за млади во наредните пет години. Стратегијата ќе се изработува во согласност со рамката на Националната стратегија за млади и со десетките тематски цели поставени на ниво на Агенцијата за млади и спорт но ќе биде прилагодена на специфичните потреби на Куманово. На работилницата учествуваа претставници од локалната администрација, невладиниот сектор, Канцеларијата за млади, ученици од општинските средни училишта и независни експерти, здруженија на граѓани.
Неколку клучни приоритети треба да бидат опфатени и да кореспонираат со националната рамка, но и зачувување на локалната специфичност. Меѓу нив се активација на младинските совети, инфраструктурни и безбедносни прашања, вработување и претприемништво, инклузија и меѓуетничка солидарност, младинска информираност и учество.
- Ова е прва сесија во интерактивен процес во кој младите активно учествуваат во креирањето на стратегијата. Нашата цел е да се дефинира реалната состојба, потребите и предизвиците со кои се соочуваат младите, за стратегијата потоа да стане документ кој ќе предизвика вистинска промена на локално ниво, изјави Марио Вељковиќ, независен консултант.
Штип - Популацијата над 65 години, кои се во ризичната група на граѓани имаат голем интерес за вакцинација против сезонски грип и до сега на пунктот во штипскиот Здравствен дом „Панче Караѓозов“-Штип вакцината ја примиле околу 400 граѓани.
Јасмина Саздовска од Центарот за јавно здравје-Штип вели дека најмногу се вакцинираат лица над 65 години, кои не сакаат да ризикуваат со компликации од сезонскиот грип. Таа вели дека вакцините се безбедни и ги повикуваат граѓаните, oсобено ризичните категории, да не чекаат последен момент.
Саздовска додава дека пријавувањето ќе трае во текот на целото зимо, а сите граѓани ќе можат да се вакцинираат.
Кочани - Во Кочани синоќа почна 62. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија. Први на сцената на Центарот за култура „Бели мугри“ настапија тетовци од „Летечката театарска група“ со претставата „Малиот принц“.
ДАФ, вообичаено, секоја година се одржува во текот на последната недела од мај, но, поради мартовската трагедија во „Пулс“ и овој настан од културата беше одложен.
На годинашниот фестивал на драмските аматери од Македонија вкупно ќе бидат одиграни девет претстави. Седум од нашата дражава на театрски групи од различни културни установи и две од Србија, на драмски театри од Ниш и Крагуевац, со што се задржува меѓународниот карактер на ДАФ.
Програмата на вториот ден од Фестивалот (21 октомври), почнува во 19 часот. На сцената во кочанската Национална устанува ќе се појават членовите на СКЦ од Ниш, кои ќе ја играат претставата „Моја бивша, мој бивши“. Во 21 часот публиката ќе може да ја проследи и втората гостинска престава - „Рачна изработка“ на Академскиот театар од Крагуевац.
62. издание на ДАФ на Македонија завршува на 24 октомври, кога ќе бидат прогласени најуспешните.
Штип - Наредната недела се очекува официјално доделување на уверенијата за старо-новиот градоначалник на Штип, Иван Јорданов, и на 23 новоизбрани советници, изјави денеска претседателот на Општинската изборна комисија (ОИК)-Штип, Виктор Вацев. Тој вели дека претходно мора да заврши законскиот рок за приговори по изборите, кој истекува вечерва во 19 часот. По разгледувањето на евентуалните приговори, ДИК ќе го потврди резултатот и изборите ќе станат конечни.
-Вчера во текот на вчерашниот ден Општинската изборна комисија до ДИК во Скопје ги достави сите оригинал 16 записници, од сите Избирачки места на територијата на Општина Штип, како и записникот за сумирање на резултатите за сите 80 Избирачки места, кои што беа доставени до ДИК, каде што од вчера таа ги објави и првичните резултати, што значи дека започнува да тече рокот од 24 часа за приговори кои што завршува денеска во 19 часот, а потоа ДИК ги разгледува сите пристигнати договори и потоа одржува седница, каде што до сите Општински изборни комисии доставува заклучок за конечност за изборите, каде што врз основа на тој заклучок самите Општински изборни комисии прават заклучоци за конечност за изборите. Очекуваме во текот оваа недела ДИК ќе ја завррши процедурата, каде што од народната недела ќе можеме и да ги доделеме и уверенијата на ново избраните советници, како на старо новиот градоначалник на Општина Штип, Иван Јорданов, изјави Вацев.
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски преку објава на својот профил на Фејсбук информира дека денеска испратил допис до Управниот одбор на ЗЕЛС за одржување итна седница, на која, како што посочува, ќе побара да се најде решение за проблемот со сметот на територија на Центар и на Градот Скопје.
-Утрово пуштив допис до Управниот одбор на ЗЕЛС, се слушнав и со директорката на ЗЕЛС, побарав итна седница на ЗЕЛС кадешто ќе се побара решение на овој проблем. Изминатите пет дена комуналното претпријатие воопшто не се појавува на улиците во Општина Центар и се соочуваме со огромни проблеми, а набрзо не дај боже и зарази, пишува Герасимовски.
Потенцира дека побарал дополнителна механизација од неговите колеги градоначалници од другите општини во државата, за да може општината сама да го расчисти сметот, откако, како што посочува, ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје повторно потфрли и пет дена не го собира сметот од улиците.