Општински пул
- 15 октомври 2025
15 октомври 2025
Дебар - Во периодот јануари-септември годинава зголемена фрекфенција е регистрирана на граничниот премин „Џепиште – Требиште“, на македонско – албанската граница, кај Дебар, кој е втор премин на овој дел од границата, покрај ГП „Блато“.
-На овој премин, кој е од регионален карактер, за девет месеци регистриран е вкупен проток од 36 938 патници што е за девет отсто повеќе споредно со истиот период минатата година, кога преку преминот минале 33 890 патници. Тоа значи дека ова е највисока фрекфенција до сега, изјави за МИА, Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Од вкупниот број, македонски државјани кои оствариле влез/излез се 2 457, дедека 34 481 се албански државјани односно жители на областа Голо Брдо, бидејќи право да го користат, овој премин, имаат само жителите од граничниот регион, што подразбира оние од дебарскиот регион и областа Голо Брдо, од албанска страна.
Најголем проток на патници е забележан во август, 6.441, а од нив домашни се 448, а 5 993 албански државјани поради доаѓањето на иселениците од областа во своите родни места.
Преминот беше отворен во мај 2013 година, во летниот период, односно од први април до 31 октомври, работи од 8 до 20 часот, додека во останатиот период, односно од 1 ноември до 31 март, од 8 до 18 часот.
Македонското друштво „Илинден“ - Тирана, неодамна повторно го актуелизира барањето македонската и албанската влада, да го реализираат договореното, на заедничката седница, одржана во Поградец на 15 декември 2017 година. Тогаш беше донесена одлука, овој премин да работи 24 часа, што според друштвото, меѓу другото, ќе услови поголем број туристи да ја посетуваат областа, која располага со многу природни убавини и културно историски споменици.
Кочани - По повод 15 октомври - Меѓународниот ден на белиот стап, симбол на независноста и слободата на движење на слепите лица, Здружението на слепи и слабовидни лица од Кочани денеска одржа прес-конференција во „Паркот на Револуцијата“.
На настанот се обратија Тоше Илиев и Душан Граовац, активни членови и застапници на правата на лицата со оштетен вид.
Во своите излагања тие упатија јасна порака за потребата од подобрување на условите за живот и движење на оваа категорија граѓани.
Меѓу барањата кои беа истакнати на прес-конференцијата, се издвојуваат: Прилагодување на јавниот простор за безбедно движење на слепи и слабовидни лица (тактилни патеки, звучни семафори), како и поголема инклузивност во институциите и јавните услуги.
Од кочанското здружение истакнаа дека и понатаму ќе продолжат со активности за унапредување на правата и условите за живот на слепите и слабовидните лица во општината.
Зрновци - Зрновци реализираше нов, за нив капитален проект, вреден 5, 5 милиони денари, со кој значително ќе се унапреди одржувањето на локалната патна инфраструктура. Со овие средства е набавен трактор и современа приклучна комунална механизација.
Новата возило со приклучните елементи ќе овозможи поефикасно и навремено чистење на снег во зимски услови, одржување на зеленилото и патиштата во текот на летото, како и подобрување на хигиената и уреденоста на јавните површини.
Со овој проект, велат во општинската администрација, се обезбедуваат побезбедни и проодни патни правци за сите жители и посетители на општината, што претставува значаен придонес кон подобрување на условите за живот и функционирање на жителите.
Средствата за реализација се обезбедени преку потпишан договор за финансирање помеѓу Министерството за локална самоуправа и Општина Зрновци, како дел од програмата за „Намалување на регионални диспаритети и зголемување на конкурентноста за 2025 година“