• петок, 22 ноември 2024

Општина Зрновци обезбеди околу половина милион евра за реконструкција на секундарната водоводна мрежа

Општина Зрновци обезбеди околу половина милион евра за реконструкција на секундарната водоводна мрежа

Кочани, 30 јануари 2024 (МИА) – Општина Зрновци обезбеди финансиски средства во износ од околу 550 илјади евра за реализација на проектот за реконструкција на секундарната водоводна мрежа во општинскиот центар.

Околу две третини од потребните средства се добиени преку Министерството за животна средина, а остатокот се од буџетот на Локалната самоуправа, за што едногласна согласност даде и општинскиот Совет.

-Ние го ревидиравме проектот што беше изработен во 2021 година, кој според тогашните финансиски проценки чинеше 18 милиони, но по ревидирањето нарасна на 34 милиони денари. Од Министерството за животна средина, со заемот од Светска банка, за нашата општина се обезбедени над 24 милиони денари, односно 396 илјади евра. Од општинскиот буџет се обезбедени дополнителните средства за комплетирање на работите. Електронската аукција за избор на економски оператор, кој ќе го реализира проектот, ќе ја спроведе Министерството, а според известувањето што го добивме, се очекува реализацијата на овој важен проект да почне во април годинава, истакна Борчо Коцев, градоначалник на Општина Зрновци.

Со проектот е предвидено да изврши замена на дотраената водоводна инсталација до домаќинствата и другите корисници со нови полиетиленски цевки во вкупна должина од над 6.800 метри. Исто така, ќе се санираат и оштетувањата на коловозот на улиците и на другите површини каде што ќе се изведуваат градежните работи, а трошоците за реализација се вкалкулирани во вкупната инвестиција на проектот.

Поради големата висинска разлика помеѓу резервоарот и најниската точка на корисниците, предвидени се три зони на водоснабдување за кои ќе се инсталираат соодветни регулатори на притисокот. Со тоа ќе се надмине недостигот од вода на повисоките локации и дефектите на цевководот во пониските места, а ќе се намалат и трошоците за одржување на системот. та/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан