• недела, 21 јули 2024

Општина Гевгелија лани исплатила еднократна парична помош за 161 новороденче

Општина Гевгелија лани исплатила еднократна парична помош за 161 новороденче

Гевгелија, 27 февруари 2024 (МИА) - Општина Гевгелија лани исплатила еднократна парична помош во износ од 6 и 12 илјади денари на 161 новороденче, колку што се родиле во оваа општина во 2023 година.

Според информацијата од локалната самоуправа, лани од новородените 80 се машки и 81 женско. За прво дете се извршени 82 исплати на еднократна парична помош во висина од по 6.000 денари, за второ 62 од по 6.000 денари, за трето 14 исплати од по 12.000 денари, како и по три исплати за четврто дете од по 12.000 денари, односно вкупно се исплатени 1.068.000 денари.

Покрај исплатата за новороденчиња, Општината вршела исплата по барања за еднократна парична помош. Лани биле поднесени 172 барања, а на 161 лице им исплатена вкупна помош од 1.132.000 денари, а најголем дел од барањата се однесувале за еднократна парична помош за лекување.

Мината година Општина Гевгелија субвенционирала 24 лица, корисници на гарантирана минимална помош и социјална пензија, кои ја плаќаат сметката за вода што не надминува повеќе од 20 метри кубни месечно и тоа на 11 жени и 13 мажи, врз основа на доставено барање од ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија за платена фактура.

И во 2023 година Општина Гевгелија продолжила со обезбедување на превозот на лица со посебни потреби кои го посетуваат Дневниот центар за лица со посебни потреби- Гевгелија. За таа цел од општинскиот буџет беа издвоени 630.000 денари, а превозот се организирал по претходно спроведена тендерска постапка.

Во рамки на Програмата за активностите во областа на социјалната заштита Општината набавила 3 електромоторни помагала за лица со телесен инвалидитет, членови на Здружението за лица со телесен инвалидитет „Мобилност“- Гевгелија.

Од лани на подрачјето на Општина Гевгелија функционира услугата лична асистенција на лица со попреченост, а давател на услугата е Општинската организација „Црвен крст“ Гевгелија. Ангажирани се 8 асистента за 13 корисници во Гевгелија и 3 асистента за 6 корисници во Богданци, а услугата се дава до крајот на јуни оваа година.

Според информацијата од Општината, минатата година се исплатени скоро 4 милиони денари за социјлано-ранливите категории граѓаните. рт/цр

Фото: МИА архива

Остани поврзан