• четврток, 16 мај 2024

Општина Битола го интензивира процесот на дигитализација на општината, од денеска во функција ГИС систем

Општина Битола го интензивира процесот на дигитализација на општината, од денеска во функција ГИС систем

Битола, 24 јануари 2024 (МИА) - Општина Битола денеска го пушти во употреба ГИС системот, а во напредна фаза е и проектот за дигитализација на општината, изјави градоначалникот Тони Коњановски.

Со ставање во функција на ГИС системот, општината ќе го замени хартиеното водење на документација со електронско, а за многу скоро, општината ќе ја активира и услугата за електронска наплата на данок на имот, посочи Коњановски.

- Како локална самоуправа, уште со доаѓањето, јасно и недвосмислено го истакнавме нашиот стремеж кон дигитализирање на општинските услуги, поедноставување на постапките и поголема достапност и транспарентност. Ова произлегува, како од надлежностите на Општината, така и од Стратегијата за локален економски развој која ја изготвивме, а истовремено е во согласност со програмата за активностите на Општина Битола во областа на развојот на информатичко-комуникациската технологија во институцијата. Пренесувањето на административниот процес во електронска форма овозможува подобрување на ефикасноста и брзината на работа во општината. Електронските бази на податоци на кои се работеше во изминатиот период, ќе помогнат во полесно проследување на документите, како и во поефикасна комуникација помеѓу администрацијата и граѓаните, истакна Коњановски.

На прес конференцијата во локалната самоуправа беше посочено дека ГИС системот е достапен за граѓаните, системот за електронски постапки е во фаза на тестирање пред финалното ставање во употреба, а се работи и на систем кој ќе создаде можност за електронска наплата на данокот на имот, услуга за која граѓаните со години реагираат, поради неможноста да ја регулираат обврската електронски.

- Системот за електронски постапки кога ќе биде ставен во функција ќе овозможи електронско водење на постапките кои се во надлежност на општината, а со тоа ќе ја зголеми ефективноста и ефикасноста на институцијата. ГИС платформата за управување со урбанистичко-планска документација и други просторни инфраструктурни податоци ќе ја унапреди ефикасноста и точноста во работата на општината и комуналните претпријатија кои се во нејзина надлежност, ќе ја зајакне комуникацијата со другите претпријатија, бизнис заедницата и граѓаните, а ќе овозможи и исполнување на законските обврски. Дополнителна корист од воспоставувањето на ГИС системот е неговото несомнено влијание врз зголемување на електронската размена на податоци меѓу вработените во општинската администрација, нагласи Коњановски.

ГИС порталот постојано ќе се надградува, а во моментот овозможува сателитска снимка на град Битола, просторни планови од АКН на градот Битола, кои содржат катастарски парцели и евидентирани објекти, важечки ГУП за Општина Битола од 1999 година и блоковска поделеност на градот, усвоена планска документација, подлога за Старото градско јадро со контактните зони на град Битола и можност за брзо-електронско издавање на Извод од Урбанистички план или Уверение за градежен реон. мт/ир

 

Фото: МИА

Остани поврзан